– За нас е особено скандалозно што во овој случај, масакр врз животни затечен од полицијата, наместо да се третира како мачење и малтретирање животни, се сведува на обвинение за несовесно работење во службата. Станува збор за организирано колење животни во државна институција, пред сведоци и пред очите на јавноста. Полицијата упаднала додека траел самиот чин и извела приведување. Ако помине ваков очигледен случај, црно на бело и документиран, без вистинска одговорност, ќе се испрати опасна порака дека системот може да ги направи животните ничии, а со тоа и нивното страдање правно неважно – наведуваат од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“

 

Случајот со закланите коњи во скопската Зоолошка градина, од јули 2022 година, денеска повторно беше во фокусот на јавноста поради продолжението на судското рочиште. Освен тоа, и од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ побара институционална одговорност, бидејќи, според нив, овој случај не е само за закланите коњи туку и за тоа дали постои одговорност во оваа држава кога се убиваат животни под институционална грижа пред очите на сите.

– Институциите молчат за закланите коњи во ЗОО Скопје. Во пресрет на новото судско рочиште за случајот со закланите коњи, испративме барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до ЗОО Скопје и до Државното правобранителство. Со барањето побаравме одговор, меѓу другото, на едно суштинско прашање: чии се коњите што биле одземени од сторители на кривични дела, ставени под институционална грижа и потоа заклани? Покрај конкретните прашања поврзани со самиот случај, испративме и генерички, системски прашања за правниот статус на одземените животни: кој е нивниот сопственик, кој е одговорен за нивната благосостојба и кој се смета за оштетена страна кога се убиваат такви животни. Ниту едно прашање од овие не е одговорено – нагласуваат од „Анима мунди“, наведувајќи дека ова молчење е особено загрижувачко затоа што,  како што велат, не се бараат информации што би ја попречиле судската постапка, напротив, станува збор за основни прашања од јавен интерес за функционирањето на системот.

Според „Анима мунди“, ако нема сопственик, тогаш нема оштетена страна. А ако нема оштетена страна, тогаш нема ни штета. Со други зборови, животните стануваат правно безвредни.

– За нас е особено скандалозно што во овој случај, масакр врз животни затечен од полицијата, наместо да се третира како мачење и малтретирање животни, се сведува на обвинение за несовесно работење во службата. Станува збор за организирано колење животни во државна институција, пред сведоци и пред очите на јавноста. Полицијата упаднала додека траел самиот чин и извела приведување . Ако помине ваков очигледен случај, црно на бело и документиран, без вистинска одговорност, ќе се испрати опасна порака дека системот може да ги направи животните ничии, а со тоа и нивното страдање правно неважно – наведуваат од Здружението.

Притоа, додаваат дека одговорите на нивните барања за информации од јавен карактер се обжалени и очекуваат одговори од институциите.

– Јавноста има право да знае сè, а ние ќе инсистираме на целосна одговорност за ладнокрвното убиство на овие несреќни животни – заклучија од „Анима мунди“.

Денешното судското рочиште, според „Анима мунди“, чии членови присуствувале на рочиштето, ќе продолжи на 20 април 2026 година, но, како што велат, според двајцата сведоци од 2016 до 2022 година било практика да се колат животни, односно од скопската Зоолошка градина се откупувале повредени крави, коњи и се колеле таму. Се колеле и вишок кози, овци (мажјаци). Воедно, било утврдено и дека сопственик на коњите била КПУ „Идризово“, од каде што имале отштетно побарување од 141.000 денари.

Инаку, инцидентот се случи во јули 2022 година, кога полицијата затекла вработени во ЗОО Скопје како колат коњи и мазги, претходно одземени од КПУ „Идризово“. Тогашниот директор на Зоолошката, Кристијан Стаменов, тврдеше дека животните биле болни и се користеле како храна за месојадните животни во Зоолошката градина. По силните реакции во јавноста, тој беше разрешен.

Агенцијата за храна и ветеринарство подоцна соопшти дека не дала одобрение за таква постапка и дека животните не биле соодветно регистрирани, поради што месото било уништено во депонијата „Дрисла“.

(А. П.)

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ