Имало ли анатеми со кои биле проколнувани и праќани во пеколот лекарите и други медицински лица, противниците на власта, па сè до вештачката интелигенција, во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во преспанското село Јанковец? Ваква дилема се појави откако се појавија информации во јавноста дека игуменот на манастирот, јеромонахот Спиридон, на сите им фрлал анатеми во текот на службата наречена Синодиконот на православието, текст што се чита еднаш годишно, на првата недела од великиот пост. Во него со векови се осудуваат ересите и оние што ја прогонувале црквата. Порталот Религија.мк објави снимка на која се гледа и слуша како игуменот чита одредени делови и потоа го изговара зборот „анатема“, кој потоа трипати го повторуваат група верници присутни на службата, како традиционален одговор на ваквото читање.
Така, врзано за вакцинирањето, игуменот Спиридон го кажа следново:
– На гонителите на Христовата црква кои убиваат свештенослужители и разрушуваат храмови Божји, кои мачат браќа наши и ја сквернават нашата татковина и кои под присила, принуда и уцени ги присилуваа да се вакцинираат против ковид, нека е анатема.
Потоа, во хор, верниците одговараат: „Анатема! Анатема! Анатема!“
Во однос на вештачката интелигенција, тој за весникот ВЕЧЕР го кажа следново: „На оние што со магии ги повикуваат демоните и се поклонуваат и се надеваат на вештачката интелигенција, нека е анатема“. Интерес во јавноста предизвика и следниот дел од проповедта: „На оние што не веруваат дека светите цареви на престолот се поставуваат по Божјо провидение и не веруваат дека миропомазанието врз нив не ја излева благодатта Божја и се бунтуваат и повикуваат на промени… анатема! Во објавата на порталот, сето ова беше протолкувано како фрлање проклетство против лекарите и други медицински работници, против вештачката интелигенција што ја користат многу луѓе и против противниците на актуелната власт што бараат промени.
Игуменот Спиридон, кој е познат во јавноста и по тоа што, во ова духовно светилиште, на заболените од разни видови карцином бесплатно им го дава лекот козлец, во изјава за весникот ВЕЧЕР категорично тврди дека неговите зборови се искривено и тенденциозно пренесени.
– Целосно сум погрешно интерпретиран и тоа што е објавено е целосно извртување на вистината и на суштината на она што го кажав во проповедта. Тоа е намерно направено за одредени цели. Секој што изворно ќе го слушне изговореното и внимателно ќе го прочита изговорениот текст, ќе се увери во тоа. Ниту сум зборувал против вакцинирањето, против медицинските работници, ниту против вештачката интелигенција, ниту сум ја бранел власта. Она што сум го зборувал е тоа дека луѓето не треба да се вакцинираат против своја волја, дека не треба да се принудуваат присилно и со уцени да го прават тоа, дека никој не треба да влијае врз некого како да постапи, туку луѓето да имаат право на слободен избор, кој ќе се базира на нивната слободна волја. Тие што си зедоа за право да се мешаат во слободната волја на луѓето, што им ја одземаат слободната волја. Во тој контекст, јас и го изговарам зборот „анатема“. Јас никако не сум против докторите – вели овој јеромонах.
Врзано со вештачката интелигенција, тој објаснува дека таму кажува дека никако не е против вештачката интелигенција.
– Јас немам ништо против вештачката интелигенција, туку сум против заблудувањето на луѓето, против извртувањето на вистината, против лажните вести што се шират преку неа. Сите добро ги знаеме лошите страни на ВИ, кои ги заведуваат луѓето – потенцира отец Спиридон.
Тој додава дека е невистина дека зборувал против луѓе што се против власта. Таму, вели тој, зборувал дека светите цареви на престолот се миропомазани.
– Значи, кажувам дека анатема е за оние што не веруваат дека се поставуваат царевите по Божјо провидение, не веруваат дека миропомазанието врз нив не ја излева благодатта Божја, се бунтуваат и повикуваат на промени. Тоа е во основата на нашето христијанско учење – потенцира овој духовник.
Според него, фактот што го употребувал зборот „анатема“ не значи дека тој праќал некого во пеколот и му фрлал проклетство.
– Анатемата е духовен лек што го даваме за да се покаат некои луѓе што прават такви работи и да се вратат на вистинскиот пат. Тоа е еден вид духовно лекарство за спасување на душите, а што е во суштина на христијанството. Тоа е патот на спасението за оние што отстапиле од патот на спасението. Анатемата не е клетва, целта и е оној што застранил на својот пат, да се врати на вистинскиот пат. Црквата има цел духовно лекување, а не да ги убива душите на луѓето. Кога го кажувам зборот „анатема“, јас не ги осудувам на пекол, туку дека не е во ред таквото учење и дека треба да се покаат. Не осудувам некого да умре. Тогаш тоа не би била христијанска љубов, а ние треба да водиме грижа за ближниот свој. Ако молчиме сите, што ќе правиме? Треба јавно да се зборува за сите овие теми – потенцира игуменот Спиридон. (Б. Ѓ.)











