Националниот џез-оркестар, на 7 октомври, ја отвора новата концертна сезона со ексклузивен настап со Дан Пугач, еден од позначајните автори, аранжери и тапанари на современата њујоршка џез-сцена. Интересно е што Пугач во 2025 година ја освои престижната награда „Греми“ за Најдобар голем џез-ансамбл албум „Bianca Reimagined: Music for Paws and Persistence“, со што неговата работа на современата биг-бенд сцена се здоби со едно од најзначајните признанија во светот на џезот.

Концертот, кој ќе се одржи во Националната опера и балет со почеток во 20 часот, веќе предизвика голем интерес кај љубителите на џезот. Пугач доаѓа во Скопје со двајца исклучителни музичари од њујоршката џез-сцена – вокалистката Никол Зураитис и трубачот Џонатан Сарага. Под диригентската палка на Џијан Емин, Националниот џез-оркестар заедно со триото ќе приреди концерт кој ќе ги донесе енергијата и звукот на актуелната њујоршка џез-сцена директно пред скопската публика.

Покрај овој настан, вчера беа најавени уште неколку врвни концерти и гостувања.

– Годинава, врвот на случувањата е настапот на Мишел Камило (еден од највиртуозните и најетаблираните интернационални џез-пијанисти) со Националниот џез-оркестар во Македонската филхармонија. Два дена подоцна, настапуваме во Португалија со Курт Елинг на фестивалот во Гимараеш, посочи Гоце Стевковски на вчерашната прес-конференција на која беше најавена годинашната програма на оркестарот.

Од Националниот џез-оркестар посочуваат дека на гостувањата, освен во Гимараеш, НЏМ на останатите концерти ќе се претстави со свој авторски материјал. Дел од тие композиции се и на новиот албум на Оркестарот, кој е подготвен и наскоро треба да излезе.

– Со оглед на тоа што голем дел од музиката е инспирирана од македонскиот фолклор, надвор од границите на државата ќе го претставуваме автентичниот македонски џез-звук, велат од НЏМ.

Како еден од поважните настани оваа сезона, Стевковски го најави и јубилејот на Славе Димитров, што ќе се случи во Македонската филхармонија.

– Имаме соработка и со детскиот фестивал „Поточиња“, ќе бидат аранжирани детски песни, а концертот е на 8 декември, или можеби ќе имаме и два концерти за најмладите, во зависност од интересот. На 14 декември ќе го свириме нашиот новогодишен концерт со солистот Џон Апоблин, а веруваме дека ќе има уште доста изненадувања во однос на солистите на истиот концерт, додаде Стевковски. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ