четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Кој е Петер Маѓар, идниот премиер на Унгарија? Како дете, ја чувал...

Кој е Петер Маѓар, идниот премиер на Унгарија? Како дете, ја чувал сликата на Орбан на ѕид, а сега го испрати во опозиција

Самиот Маѓар, чие презиме буквално значи Унгарец, во една пригода рече дека како дете бил воодушевен од Орбан, кој во тоа време бил бунтовник против комунизмот. Тој дојде во центарот на вниманието пред две години, откако неговата поранешна сопруга, ексминистерката за правда во владата на Орбан, Јудит Варга, поднесе оставка од сите политички функции, по помилување за случај на сексуална злоупотреба што предизвика јавен револт. Маѓар тогаш брзо се дистанцира од владејачката партија Фидес, чиј член беше, и ја обвини за корупција и ширење пропаганда, велејќи дека се разочарал од неа

212
EPA/Robert Hegedus HUNGARY OUT

Кога Петер Маѓар бил дете, на ѕидот од својата спална соба залепил фотографија од Виктор Орбан, кој во тоа време бил бунтовник против комунизмот, воодушевен од првите демократски избори во Унгарија, во 1990 година.

Децении подоцна, тоа дете стана човек кој успеа да ја прекине 16-годишната ера на Орбан како премиер на Унгарија, на избори кои донесоа рекордно висока излезност и се очекуваше да ја потресат Русија и да испратат шок бранови низ десничарските кругови низ целиот Запад, вклучувајќи ја и Белата куќа на американскиот претседател Доналд Трамп, пишува „Ројтерс“.

Унгарската централно-десничарска проевропска партија Тиса ја победи националистичката партија Фидес на Орбан, на парламентарните избори што се одржаа во неделата. Делумните резултати покажаа дека Тиса ќе освои 137 места, или двотретинско мнозинство, во парламентот со 199 места.

Само девет години откако комунизмот се распадна, Маѓар рече дека ги украсил ѕидовите во својот семеен дом во Будимпешта со фотографии од водечки политички личности. Орбан, тогаш млад адвокат, стана херој на продемократското движење во Унгарија кога во 1989 година јавно побара советските трупи да ја напуштат земјата.

– Имаше бран енергија околу промената на режимот што ме понесе како дете, изјави Маѓар за поткастот „Фокусчопорт“ минатата година.

Маѓар, чие презиме буквално значи Унгарец, дојде во центарот на вниманието пред две години, откако неговата поранешна сопруга, ексминистерката за правда во владата на Орбан, Јудит Варга, поднесе оставка од сите политички функции, по помилување за случај на сексуална злоупотреба што предизвика јавен револт. Маѓар тогаш брзо се дистанцира од владејачката партија чиј член беше и ја обвини за корупција и ширење пропаганда, велејќи дека се разочарал од Фидес.

Само четири месеци откако излезе од речиси целосната заборавеност со интервју на јутјуб-каналот Партизан, партијата на Маѓар освои 30 проценти на европските избори во јуни 2024 година, завршувајќи втора по Фидес и уништувајќи го остатокот од опозицијата.

Поразот на Орбан, како што наведува „Ројтерс“, има значајни импликации не само за Унгарија туку и за Европа и за нејзината популистичка крајна десница. Орбан се обидува да создаде она што го нарекува „нелиберална демократија“ од 2010 година, ограничувајќи ги медиумските слободи и активностите на невладините организации и ослабувајќи ја независноста на судството. Тој изгради добри односи со рускиот претседател Владимир Путин, а исто така и со американскиот претседател Доналд Трамп, но постојано се судираше со ЕУ, која суспендираше милијарди евра финансирање поради загриженост за демократските стандарди на Унгарија. Спротивно на тоа, Маѓар вети дека ќе ја обнови западната ориентација на Унгарија и ќе ја прекине нејзината зависност од руската енергија до 2035 година, додека се стреми кон „прагматични односи“ со Москва. Тој, исто така, вети дека ќе ги отклучи замрзнатите средства на ЕУ, што би помогнало во оживувањето на стагнирачката економија на Унгарија.

– Првиот ден треба да донесеме антикорупциски мерки и треба да ја поднесеме нашата апликација за членство во Европската обвинителска канцеларија, рече тој во недела наутро, откако гласаше.

Сепак, внимателно „газеше“ за време на изборната кампања, сакајќи да не ги исплаши поконзервативните гласачи. За разлика од Орбан, тој во принцип, не го отфрла правото на Украина еден ден да се приклучи на ЕУ, но програмата на Тиса не поддржува брз влез за Киев. Како и Фидес, и Тиса се спротивставува на квотите на ЕУ за прием на мигранти и исто така би ја задржала граничната ограда изградена за време на владеењето на Орбан за да ги спречи нелегалните мигранти. Но, аналитичарите велат дека тензиите меѓу Будимпешта и ЕУ дополнително се влошени од ветото на Орбан на пакетот помош од 90 милијарди евра за Киев.

– Орбан ја изгуби довербата во сегашната форма и насока на европската интеграција и води политика на вето и опструкции. Партијата Тиса, во принцип, нема забелешки за интеграцијата и би ги водела своите битки на практично ниво, рече Ботонд Феледи, геополитички аналитичар во „Ред сноу консалтинг“.

Освен што со својата реторика и политички ставови си го обезбеди местото премиер на Унгарија, Маѓар со својот изглед експресно ги освои срцата на луѓето и надвор од Унгарија. Веќе го нарекуваат најзгодниот премиер на светот, во конкуренција со шпанскиот премиер Педро Санчез.

ИЗДВОЕНИ