Од 5 мај, денот кога Македонија чествува 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, до 15 мај, ќе се реализира новото издание на традиционалната манифестација „Книга во секој дом“ на „Матица македонска“. Во овој период издавачката куќа ќе ја продолжи својата мисија за афирмација и популаризација на книгите на македонски јазик кај читателите. Сè до 15 мај, покрај тоа што триста наслови ќе бидат овозможени со попуст, а меѓу нив и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори, во оваа книжарница лоцирана на Булеварот на книгите, ќе се одржуваат и средби со писатели и промоции.
„Со цел книгите на македонски јазик и натаму да се сè поприсутни во секој македонски дом, попустот ќе се однесува и на најактуелни изданија, со голем избор од илјадниците автори, книги и приказни за сечиј вкус – најбараното и од домашната продукција и од светската книжевност. Читателите ќе имаат можност и да се сретнат и да разговараат со автори и од Македонија, и од странство, при што одделни средби ќе бидат организирани со дел од најчитаните и најреномирани писатели, додека промоциите во книжарницата на „Булеварот на книгите“ ќе бидат посветени на најновите и ексклузивни книги објавени во 2025 година. Меѓу другото, на 6 мај, за првпат пред македонската читателска публика ќе биде промовирана и книгата „„Културата и траумата – Писмо до бугарскиот пријател“ од истакнатиот хрватски македонист и редок познавач на балканските состојби, Златко Крамариќ, којшто во Македонија ќе допатува токму по повод јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик“, велат од издавачката куќа. Оттаму посочуваат дека години наназад, со „Книга во секој дом“ се потврдува дека и во време кога новите технологии земаат најсилен замав, во Македонија има сериозна и бројна читателска публика.
„Со оваа манифестација, во изминатите 25 години се успеа да се оствари пораст на бројот на читатели, а македонската продукција да бележи огромен раст и прогрес на интересот за книги на македонски јазик со што домашните библиотеки стануваа сè побогати со македонски изданија. Дури во 2000 година, книгите на македонски јазик биле застапени со само 7% од вкупната продажба, во одреден период, веќе се успеа македонската продукција да биде застапена со огромни 83%, и во исто време бројот на читатели-членови на „Клуб Матица“ да покажува дека читателската публика е зголемена и за повеќе од 40 пати. Затоа, сме мотивираани и подготвени, годинава, кога се чествуваат осум децении од кодификацијата на македонскиот јазик, на читателите да им овозможиме низа настани и исклучителен избор на наслови и автори, со вонсериски ниски цени, само со една цел – книга и од најновата продукција на македонски јазик да има во секој дом“, велат од „Матица македонска“.