Иран е целосно подготвен за продолжување на судирот со Соединетите Американски Држави, но сè уште не се откажал од дипломатско решение, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи.
„Целосно сме подготвени за продолжување на војната. Цврсто ќе се спротивставиме на секоја нова агресија, дури и ако тоа доведе до војна со катастрофални последици“, рече Аракчи во интервју за емисијата „Meet the Press“ на американската телевизија NBC.
Тој додаде дека Иран истовремено е подготвен и за дипломатија и дека на американскиот претседател Доналд Трамп е да одлучи по кој пат ќе тргне. Иран оваа недела предложи договор според кој Ормускиот Проток, клучен поморски правец за глобалната трговија со нафта, би бил повторно отворен за нормален поморски сообраќај во рок од седум дена. Предлогот преку Катар им беше проследен на САД на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Трамп во саботата го отфрли тој предлог, но Аракчи денеска изјави дека Иран сè уште нема добиено официјално известување за одбивањето преку посредниците. Тој повтори дека Техеран е подготвен повторно да го отвори Ормускиот Проток во рамките на договорот за завршување на судирот, но за возврат бара ослободување на иранските средства и имот кои, како што рече, се незаконски замрзнати, како и можност за продолжување на продажбата на нафта.
Аракчи оцени дека тие услови не се нови и дека веќе биле дел од меморандумот за разбирање што САД и Иран го потпишаа во јуни, а со кој беше предвиден привремен прекин на огнот. Тој договор пропадна неколку дена подоцна по новите меѓусебни напади.
„И понатаму водиме дипломатија бидејќи мислам дека не смееме да пропуштиме ниту една можност за мир“, изјави Аракчи.
Американскиот амбасадор во Обединетите нации Мајк Волц изјави дека Трамп го отфрлил иранскиот предлог од повеќе причини, меѓу кои и барањето на Техеран за пристап до милијарди долари замрзнати средства. Волц оцени дека иранскиот предлог бил неприфатлив за САД и го доведе во прашање тоа кој во моментов ги носи одлуките во Иран, наведувајќи дека Техеран претходно го прекршил меморандумот со напади врз меѓународниот поморски сообраќај.
„Претседателот ќе ги остави сите опции на маса за да ја осигура безбедноста на светот и Иран да не поседува нуклеарно оружје“, изјави Волц.












