Нереализираните соништа и копнежот за подобро утре во современото сурово општество ја означија претставата „Три сестри“, работена по мотиви на истоимената драма на Антон Павлович Чехов, а во режија на Нела Витошевиќ, која премиерно се изведе во петокот на големата сцена на Македонскиот народен театар.
Во времетраење од два и пол часа, на сцената на МНТ се одигра современа драма, по текст на Васил Христов и режисерката Витошевиќ, чие дејство беше сместено овде и сега, во нашето секојдневие, но со ликовите (сестрите Ирина, Маша, Олга и братот Андреј Прозорови) од познатиот класик на големиот руски писател. И во претставата, како и кај Чехов, главната тема беше потрагата по смислата на животот, копнежот по среќа и (не)способноста на човекот да ја смени сопствената реалност, но и дека среќата не е никаде на друго место, туку во вистинското живеење на сегашноста.

Во претставата настапија актерите Дарја Ризова (Ирина), Наталија Теодосиева (Маша), Верица Недеска (Олга), Дамјан Цветановски (Андреј), Благој Веселинов (Александар), Емил Рубен (Иван), Ивица Димитријевиќ (Игор), Нина Деан (Наташа) и Антонио Ташковски (Никола).
Тие преку своите добро разработени ликови и одличната игра, ги прикажаа своите нереализирани и лошо менаџирани животи, проследени со целосно изгубените соништа за вистинска љубов, успешна кариера, среќен брак и достоинствено образование. Преку бројните монолози, кои доминираа речиси колку и дијалогот во претставата, ги прикажаа своите внатрешни чувства, најскриени мисли, желби, стравови, разјаснувајќи го својот внатрешен немир директно до секој гледач во публиката. Речиси секој во преполната сала на МНТ можеше да се препознае во изговорените зборови, бидејќи тоа беа токму оние познати фрази што постојано ги слушаме, ги живееме и ги изговараме во секојдневниот живот. На сцената одекнаа сите оние нешта што го тиштат и го притискаат речиси секој современ човек во нашето денешно општество.

Се чини како реалното општество однадвор да беше совршено и сурово пресликано директно врз театарските штици. Сите ликови се покажаа длабоко заглавени во живот што воопшто не го сакаат, целосно незадоволни од сопственото постоење – делумно заради сопствените лоши избори, а делумно заради немилосрдните општествени услови (корупција, непотизам, неквалитет, некадарност, незнаење, неписменост…) и неможноста да остварат успех во различните животни сфери. Тие постојано тапкаа во место, заробени во сопствениот лавиринт без јасен излез.
Градацијата на тоа насобрано незадоволство постојано растеше и се зголемуваше како што одминуваше драмата, симболично означено со уште еден, и уште еден роденден што се слави во семејството, кој наместо радост, носеше само ново разочарување.
По сите бури и емотивни бродоломи, претставата заврши речиси исто онака како што и започна – на сцената пак остана само потесното семејство, соголено од илузии, но со ситна искра надеж… Остана да лебди и прашањето: дали можеш и како да го почнеш животот одново, сега подобро? Остана и желбата, и покрај сите разочарувања, конечно да се живее животот сега исполнет со искрена љубов, внатрешен мир и благосостојба.
Сценографијата е на Игор Васиљев, костимографка е Роза Трајческа, композитор Огнен Анастасовски, а драматургијата на Викторија Рангелова-Петровска. Со премиерата на оваа претстава, Македонскиот народен театар ја почна новата 2026/2027 сезона.
(Н. И. Т.) Фото: МНТ












