недела, септември 27, 2026
Дома КУЛТУРА Tони Mихајловски – лауреат на театарскиот фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива...

Tони Mихајловски – лауреат на театарскиот фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка

1

Познатиот македонски актер, со бројни театарски и филмски улоги, Тони Михајловски е лауреат на 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ што ќе се одржи од 28 септември до 6 октомври во Крива Паланка. Признанието на лауреатот ќе биде врачено на свечена академија на 28 септември, во 12 часот, кога ќе биде означен и почетокот на годинашното фестивалско издание.

– Крива Паланка повторно ќе живее во знакот на театарот. Годинашниот фестивалски аплауз е посветен на Тони Михајловски, едно од највпечатливите имиња на македонската театарска, филмска и телевизиска сцена. Неговиот творечки пат е обележан со исклучителна сценска енергија, силен темперамент и ретка способност за трансформација. Од театарската сцена до филмското платно, Михајловски создава ликови што не исчезнуваат со спуштањето на завесата, туку остануваат во сеќавањето на публиката. Неговото име е запишано во значајни филмски остварувања како „Џипси меџик“, „Буре барут“, „Збогум на 20-тиот век“, „Бал-кан-кан“, „Панкот не е мртов“, „Парада“, „Трето полувреме“ и „До балчак“. За својот повеќедецениски придонес кон македонската култура е добитник на бројни актерски признанија, меѓу кои и наградата за животно дело „Петре Прличко“, посочуваат од Општина Крива Паланка.

Годинашното 18. фестивалско издание носи богата програма со девет театарски претстави, театарски средби и нови сценски доживувања, со кои Крива Паланка повторно ќе биде град на театарот, уметноста и големите актерски приказни. Фестивалот е во организација на Здружението за промоција на театарската уметност „Театарски фестивал“ од Крива Паланка, под покровителство на Општина Крива Паланка и Министерството за култура и туризам.

Претставите ќе се изведуваат на сцената на Центарот за култура Крива Паланка, со почеток од 19 часот и 30 минути.

ИЗДВОЕНИ