Жештините во Грција веќе не се само непријатност за граѓаните туку стануваат и сериозен товар за домаќинствата и за економијата. Сè потоплите лета ги тераат луѓето сè почесто да ги вклучуваат клима-уредите, а тоа значи и драстично поголема потрошувачка на струја. Според податоците на „Евростат“, објавени од грчкиот весник „Катимерини“, енергијата што ја трошат Грците за ладење на домовите речиси двојно се зголемила во споредба со пред неколку години.

Денес, околу 70 отсто од грчките домаќинства имаат најмалку еден клима-уред. Во 2024 година, за ладење на објектите биле потрошени околу 11.900 тераџули енергија, додека во 2018 година тој број изнесувал само 5.850 тераџули.

Со други зборови, климата од некогашен луксуз станала секојдневна потреба. Поради долгите топлотни бранови и температурите што сè почесто ги надминуваат границите на издржливоста, граѓаните немаат многу избор – мораат да ладат.

Делот од електричната енергија што го трошат домаќинствата за разладување достигнал 7,4 проценти од вкупната потрошувачка, додека пред неколку години бил под четири проценти. Со тоа, Грција се најде меѓу европските земји каде што климатизацијата зема најголем дел од енергетската потрошувачка.

Но, последиците од променетата клима не се гледаат само на сметките за струја. Тие се чувствуваат и во продавниците. Трговците со облека се соочуваат со нов проблем: зимата веќе не е тоа што била. Поблагите температури ги менуваат навиките на купувачите, па Грците сè помалку купуваат дебели јакни, зимски палта и тешка облека. За компаниите тоа значи вишок стока во магацините, поголеми трошоци и помала заработка. Старото правило со четири јасно поделени сезони – пролет, лето, есен и зима – веќе не функционира како порано.

ИЗДВОЕНИ