Инфлацијата во Македонија ќе се намалува побавно од претходните очекувања, додека економскиот пораст се очекува да продолжи со умерено темпо, покажува најновата анкета на Народната банка меѓу економските аналитичари. Според прогнозите, инфлацијата во 2026 година се очекува да изнесува 4,2 отсто, што е повисоко од претходно очекуваните 3,6 проценти. За 2027 година се предвидува намалување на 3,4 отсто, а во 2028 година на 2,9 проценти.
Како главни ризици за повисоки цени аналитичарите ги посочуваат воените конфликти, особено неизвесноста на Блискиот Исток, зголемувањето на трошоците за енергенти и транспорт, како и можните нарушувања во трговијата и синџирите на снабдување. Дополнителен притисок врз инфлацијата може да имаат и порастот на платите и на пензиите над планираното, како и зголемувањето на цените на одредени услуги.
Кога станува збор за економијата, очекувањата се дека бруто-домашниот производ ќе расте за 3,2 проценти во 2026 година, а порастот ќе забрза на 3,5 проценти во 2027 и 3,7 проценти во 2028 година. Според аналитичарите, главен двигател на порастот ќе бидат домашната потрошувачка, инвестициите и извозот. Сепак, глобалните кризи, климатските промени и проблемите на пазарот на трудот остануваат ризици што можат да го забават економското закрепнување.












