Со поддршка на Општина Центар, в среда, со почеток во 19 часот, во Националниот археолошки музеј, ќе се одржи концерт на класична музика во изведба на „Трио Аперто“. Влезот е слободен.
Од Општина Центар информираат дека публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана програма со композиции од Шостакович, Форе, Цанев, Дворжак, Светиев, Шнитке и други автори, кои ќе ги изведат тројца истакнати македонски уметници: Марина Трајковска (виолина), Момчило Куфојанакис (виолина) и Весна Ангелова Христов (пијано).
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги покани сите љубители на класичната музика да бидат дел од оваа музичка вечер исполнета со емоции, виртуозност и врвни музички остварувања.
– Продолжуваме да ја поддржуваме македонската културна сцена и да реализираме квалитетни културни настани достапни за сите граѓани – нагласи Герасимовски.
„Трио Аперто“ е една од ретките камерни формации во земјава составена од две виолини и пијано. Ансамблот има богата концертна дејност со бројни настапи низ Македонија и во странство и е препознатлив по своите интерпретации на дела од светската класична музика и современото македонско творештво.
Концертот е дел од програмата на Општина Центар за 2026 година, со кој воедно се одбележуваат 50 години од локалната самоуправа.












