Експертите за туризам посочуваат повеќе начини на кои крадците можат одморот од соништата да ви го направат кошмар: од кражба или обивање на автомобилот, останување без куфери, пасош, пари, документи, преку грабање на чантата во градскиот метеж, па сè до филмски сценарија во кои крадците користат спреј за зашеметување додека спиете во апартманот. Притоа, можете да имате штета од илјадници евра, или да останете без документи за чие повторно вадење ќе платите со време и со нерви
Годишниот одмор е време за опуштање, но претераната опуштеност може скапо да чини. Не треба да се заборави дека летото е време на крадците, на кои може да наидете каде и да одите. Па затоа, прво треба да се обезбеди станот или куќата од која се заминува, а потоа во местото каде што се летува очите треба да се држат отворени цело време.
Експертите за туризам посочуваат повеќе начини на кои крадците можат одморот од соништата да ви го направат кошмар: од кражба или обивање на автомобилот, останување без куфери, пасош, пари, документи, преку грабање на чантата во градскиот метеж, па сè до филмски сценарија во кои крадците користат спреј за зашеметување додека спиете во апартманот. Притоа, можете да имате штета од илјадници евра, или да останете без документи за чие повторно вадење ќе платите со време и нерви.
Додека јадете во ресторан или пазарувате во продавница, крадците можеби веќе провалуваат во вашиот стан. Додека разгледувате низ местото, фотографирате или едноставно, одите кон плажата, џепчиите и организираните групи крадци само ја чекаат вашата грешка. Нивната цел обично се пари, мобилни телефони, лични документи и скапа опрема, па дури и камп-комбиња, пишува „Блиц“. Крадците си ја завршуваат работата за многу кратко време. Секунди им се потребни за да ви провалат во автомобилот. Денеска тие поретко ги кршат прозорците за да земат нешто од него, туку користат многу пософистициран метод. За ненасилно влегување во автомобилот тие користат електронски уреди кои го попречуваат сигналот за далечинско заклучување. Вие со далечинскиот клуч го заклучувате автомобилот и си заминувате, а тој останува отклучен, како понуден на крадците на тацна. Затоа, откако бравата ќе кликне, траба да се провери дали вратата е навистина заклучена. Директорот на српското Национално здружение на туристички агенции – Јута, Александар Станичиќ за „Блиц“ вели дека во најпосетената туристичка дестинација – Грција, автомобилите со странски регистарски таблички полни со куфери и лични работи се особено изложени на ризик. Тие се најчесто цел на напади првиот ден по пристигнувањето или последниот ден пред враќањето дома. Една од најчестите грешки на туристите е од граница веднаш да одат на пазарување во трговските центри покрај автопатот. Крадците го знаат ова и се кријат токму на тие паркинзи, како и на паркинзите на познатите плажи.
– Никогаш не оставајте вредни предмети во возилото, дури ни кога излегувате само на пет минути, вели Сеничиќ додавајќи дека и очила или празна чанта на седиште се доволни за да привлечат внимаие кај крадците за да направат штета на автомобилот.
Кога станува збор за кражби во сместувањето, методите се неверојатни.
– Имавме група криминалци од соседна земја кои користеле спреј за зашеметување. Низ вратата, ги успиваа луѓето и земаа сè што има вредност, предупредува Сеничиќ и им советува на туристите сместени на приземје никогаш да не оставаат отворена врата и мрежа за комарци, туку да ги затворат и да го вклучат климатизерот.
И во Италија, која е уште една популарна дестинација за нашите туристи, исто така треба да се внимава. Таму крадците претежно работат во групи, а бројот на кражби на торби и на ранци бележи значителен пораст во последните години, особено во големите градови, туристичките области, трговските улици и јавниот превоз. Според надлежните во туристичките организации повеќе од една третина од крадците се странски државјани.
И на Јадранот нема спокојство. Таму оперираат џепчии, исто така странски државјани.
– Влегов во една продавничка во Стариот град за да купам сувенир и кога излегов, почувствував дека чантата некако чудно ми виси. Погледнав и видов дека е откопчана и во неа ми го немаше паричникот, во кој имав 50 евра, лична карта и платежни картички. Веднаш ги одјавив картичките, а кога дојдов дома, морав да почнам „трка“ за вадење нова лична карта, вели еден скопјанец, кој додава дека подоцна од црногорскиот печат дознал дека крадците биле од една соседна земја на Македонија.
Соговорникот на „Блиц“, Сеничиќ, ги советува туристите што да направат ако се жртва на крадци.
– Ако вашиот автомобил е провален во Грција, најважно е да не допирате ништо и веднаш да се јавите во полиција (на 100) за да добиете официјален полициски извештај, кој е клучен за осигурување и враќање во земјата. Доколку ви се земени платежни картички, мора веднаш да контактирате со банката за блокирање, вели тој.
Сеничиќ појаснува дека ако се работи за украдени или изгубени пасоши, треба веднаш да се контактира најблиската амбасада или конзулат. Негов совет е да се фотографираат сите лични документи и да се чуваат во телефонот или со себе да се носат копии.












