среда, јуни 17, 2026
Дома БАЛКАН Кипар прв во ЕУ по квалитетот на водата за капење, Албанија на...

Кипар прв во ЕУ по квалитетот на водата за капење, Албанија на дното на листата

45

Кипар го зазеде првото место во Европската Унија во однос на квалитетот на водата за капење, покажа најновиот извештај на Европската агенција за животна средина. Грција е на второто место со 97,1% од местата оценети како одлични, по што следуваат Бугарија со 96,9%, Австрија со 96,5% и Луксембург со 94,1%, објавува „Катимерини“.

Податоците се базираат на 22.289 примероци собрани во текот на 2025 година на местата за капење во земјите од Европската Унија, како и во Албанија и Швајцарија. Грција се издвојува меѓу водечките земји и по бројот на контролирани места, бидејќи мерењата се извршени на 1.734 места за капење.

Меѓу медитеранските земји, Италија го зазеде осмото место со 89,8% од местата оценети како одлични, Малта деветто со 88,5%, Шпанија 11-то со 86,6% и Хрватска 12-то со 86,2%. Албанија се најде на дното на листата, каде само 16,8 проценти од 119-те следени локации добиле оценка за одличен квалитет на водата. Во извештајот се вели дека проблемите се особено акутни во некои големи крајбрежни области, вклучувајќи ги Саранда, Валона и Драчкиот Залив.

Меѓу членките на ЕУ, најлоши резултати забележале Естонија и Полска, со 56,9 односно 58,7 проценти од местата за капење се оценети како одлични. Европската агенција за животна средина соопшти дека подобрувањата во квалитетот на водата се резултат на децениското спроведување на европските прописи за животна средина и третман на отпадни води. Според агенцијата, уделот на местата за капење со одличен квалитет на водата се зголемил од 81 процент во 2006 година на речиси 85 проценти денес, додека процентот на места со лош квалитет се намалил на 1,5 проценти.

ИЗДВОЕНИ