среда, јуни 17, 2026
Дома КОЛУМНИ КОЛУМНА, ИЦО ПОПЕ: Нивици е реалност, ама не е завршена работа!

КОЛУМНА, ИЦО ПОПЕ: Нивици е реалност, ама не е завршена работа!

47
Од потпишувањето на Договорот, на 17 јуни 2018 година
Од потпишувањето на Договорот, на 17 јуни 2018 година

Иако ретко се артикулира јавно и прецизно, ставот на нашите сегашни политички лидери се сведува на – Нивици беше спротивно на меѓународното и домашното право, ама е – реалност. Тоа е неприфатлива политика. И фашистичката  окупација во Втората светска војна, во нашиот случај од Бугарија, беше исто така спротивна на меѓународното и домашното право и – реалност! Арно ама, целиот свет се мобилизира на антифашистичка основа и се крена против таа реалност. Со нив беа и македонските партизани. Резултатот го знаеме и со него се гордееме. Главен во тој општ отпор беше СССР, кој даде цели 27 милиони жртви, коишто се најзаслужни за победата.

Предизвикот со кој денес се сочува Македонија е многу сличен. Капитулацијата од Нивици не може да остане наша трајна реалност. Освен, ако не сме спремни да се откажеме од самите себе. Затоа, никогаш не вели – никогаш! Тоа што станавме членка на НАТО, не е воопшто за фалење бидејќи цената беше неприфатлива, а нашите „политики“ – кусогледи.

Ќе посочиме неколку докази дека е така.

Првиот доказ е сврзан со измислицата, во која сакаат да веруваат добар дел од нашите политичари, ако веќе не и сите, дека во Нивици беа потврдени постоењето на македонски народ, јазик, култура…!? И само по себе, тоа е чиста и огромна будалштина, и целосно надвор од умот. Зарем во оваа наша, по многу што сирота Македонија, некој може да верува и смета дека со некаков предавнички договор се потврдил мојот, твојот… нашиот национален идентитет? Каква монструозна помисла! Зарем било чии идентитет може и треба да се потврдува со некаков договор?! И тоа билатерален, со сосед што не признава дека другиот постои?! Невидено и незамисливо! Идентитетите или постојат, или не. Трето – нема. А ако ги нема, ниту Свети Петар не може да ги измисли и потврди. Освен Тито, де! Тој беше Алхемичарот на Маркез. Истото апсолутно важи и за јазикот, културата, историјата…

Нивици е обичен билатерален договор, за нас – катастрофален. Без оглед кој се’ посредувал, или удрил палец на нив, таквите договори ги обврзуваат само државите потписнички. Никој друг. Во нашиов случај, пак – и тоа правило не важи. Другата страна нема ништо спроведено од договорот, и јавно кажува дека нема намера тоа да го стори, се’ додека Македонија нѐ капитулира по сите основи. Значи, Нивици и нив не ги обврзува! Фактот дека не го спроведуваат договорот значи дека го третираат како – неважечки. Друго објаснување – нема! Така треба и ние да го третираме. Колку овие работи ги разбираат нашите политичари, е нешто друго?

Фактот, пак, што некои сметаат дека Нивици ги обврзува сите држави е чиста и невидена бесмислица.

Ќе го цитираме и Никола Димитров, чија лична одговорност за Нивици не смее да се заборава или потцени. Според „Слободен печат“, од 3/1/2020 година, тој изјавил – „Преспанскиот договор му дозволува на секој Македонец од (С.) Македонија да вели јас сум Македонец, говорам македонски јазик“!? Сте чуле ли вие поголема мизерија и налудничавост? Кој тоа може да ни дозволува да се декларираме како Македонци! А, без Нивици, што бевме? Всушност, се’ е сосема спротивно – Нивици ЗАБРАНУВА да се декларираме Македонци! Сега, ние сме – „Северномакедонци“!

Токму така. Веднаш по Нивици, така започнаа да ни се обраќаат прво Американците, потоа и другите странци. Арно ама, кога видоа дека ние се’ уште не сме целосно спремни за јавно (национално!) прекрстување, привремено прекинаа. Тоа неизбежно доаѓа! Ако има Северни и Јужни Корејци, а тоа е ист народ, ако имаше и Источни и Западни Германци, што очекуваат нашите аматери – ние ќе си останеме Македонци, како ништо да не се случило? А, зошто тогаш нѐ прекрстија? За урнек? Ај да не бидеме морони. Утре и Франција да стане Нормандија, ќе има Нормандијци. Тоа се општи правила.

Втор доказ, директен и изворен, е изјавата на грчкото МНР, според која – „Договорот (од Нивици) не признава македонски народ или нација“, (мкд.мк, од 22/1/2019). На интернет страницата на грчкото МНР пишувало – „Договорот го дефинира само ‘државјанството’ на граѓаните на соседот, што е правна врска меѓу граѓанинот и државата. Покрај тоа, поранешната југословенска Република Македонија (користена е навредливата кратенка на референцата од ООН) формално и потврди на Грција преку Меморандум за разбирање од 16/1/2019, кој е правно обврзувачки за неа, дека употребата на терминот ‘националност’ во англиската верзија на Преспанскиот договор се однесува само на ‘државјанство’“! Се прецизира и дека – „Преспанскиот договор не ги споменува и не ги регулира етничките прашања“.

Трет доказ се најновите случувања во НАТО, коишто лесно можат да бидат негова лебедова песма! И, што ако за некое релативно кусо време, алијансата – се распадне? Тоа е веќе објективна опција. А прекрстени, ние ќе си останеме обесчестени и обезличени. Ни повеќе, ни помалку!

Четврт доказ е мислата на еден од најславните американски претседатели – Абрахам Линколн. Тој има кажано – „Ништо не е завршено, се’ додека не е праведно решено“! Тоа апсолутно важи и за Нивици, каде Македонија беше третирана како поразен агресор. Тоа беше класичен случај кога една држава е принудена на срамна капитулација, заради туѓи интереси.

На одреден начин, сепак, во Нивици не е целосно игнориран македонскиот јазик, иако и за него има клучни  ограничувања. Се наведува дека – „Третата конференција на ООН за стандардизација на географските називи, одржана во Атина во 1977 година го призна ‘македонскиот’ како службен јазик“. Веднаш, меѓутоа, се прецизира дека – „во својот говор, во септември 1959 година, МНР Е. Авероф истакна: ‘Македонскиот јазик’ што се зборува во Скопје не се зборува во грчка Македонија и има граматика и синтакса“. Може да се тврди дека третманот на македонскиот јазик е нешто „поблаг“, не се игнорира целосно, ама само со намера за да го прифатиме договорот, што е наша историска капитулација. Тие што бескрупулозно ни го наметнаа договорот, беа свесни дека и предавството на македонските претставници има граници и дека не смее да се претерува со понижувањата.

Токму затоа, формулациите околу македонскиот јазик имаат и друг аспект. Не треба воопшто да биде спорно дека за „Македонското прашање“ постои тесно координирана соработка меѓу Атина и Софија. Во 2006 година, врвен британски експерт за Балканот, којшто тогаш неколку години боравеше и во Скопје, по една посета на Атина, ми рече дека Грците се изненадени зошто Бугарија го одложува своето активно вклучување во спорот со нас. А, откако се вклучи, главна поента на Софија, сигурно не случајно, е дека македонскиот јазик – не постои, и е дијалект на бугарскиот! Демек, нема ли јазик, нема и народ. Целта на Атина и Софија е заедничка, се’ е комплементарно, а очигледно е дека постои и прецизна поделба на задачите.

За крај, можеме да констатираме дека новата власт во Македонија воведе сериозни промени во реториката на претходно самоуништувачката и предавничка надворешна политика, ама се’ уште ништо суштинско не е сменето. Ги спречија понижувањата на коишто бевме постојано изложени ама, само со збор – ништо не се менува. Зборот е сериозна  алатка за политичарите, ама се сведува на обична пропаганда. Така се ветува, најавува, создава атмосфера…, и ништо не се решава! Проблемите се надминуваат, условите се подобруваат и иднината се гради само преку конкретни акции! Модерно, тоа се – проекти. Без нив, се’ е вртење во празно, што никогаш не трае долго. Балонот бргу се издишува. Власта е сега на потег! Време за губење – нема. Во моментов, меѓутоа, предност за решавање мора да имаат проблемите со Бугарија.

Не е срамно да се греши. Никој не е безгрешен, ама доблест е да се признаваат грешките, и да се исправаат. И тоа не само своите туку кога ги направила и претходната гарнитура на власт. Само така може да се оди напред. Тоа важи и за сегашните лидери.

 

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)       

ИЗДВОЕНИ