недела, јуни 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Музејот на македонската борба на подарок доби мала кама која ја користел...

Музејот на македонската борба на подарок доби мала кама која ја користел војводата Никола Петров Русински

103

Колекцијата на Музејот на македонска броба во Скопје е збогатена со нов вреден предмет – кама со кожна футрола која своевремено била сопственост на војводата Никола Петров Русински, соопшти денеска Музејот.

Во објавата на нивната Фејсбук страница се наведува дека малата кама е добиена како донација од личниот фонд на дарителот Марин Поповски.

-Според семејното предание, прадедото на дарителот, Поп Атанас Костадинов (1858–1923) од село Русиново, ја добил оваа мала кама со футрола како подарок од војводата Никола Русински во периодот меѓу 1905 и 1912 година, за време на продорот на андартските чети. Камата се користела во церемонијални прилики, а нејзината уметничка вредност особено се истакнува преку украсувањето со техниката на инкрустација – техника што во 19 век се применувала за декорација на оружја кои претставувале статусен симбол – се наведува во објавата.

Се додава дека овој предмет внимателно се чувал и пренесувал од генерација на генерација, сè до донацијата од Марин Поповски – син на Илија Поповски, учесник во НОБ (1941–1945) и заслужен борец претставен во Каталогот на Сојузот на борци на РМ.

-Донацијата во име на музејот ја прими директорката Анче Илиевска, во придружба на одговорните кустоси Даниела Николова и Даниела Митевска. За исклучителниот чин на доверба и почит кон историското културно наследство, на донаторот Поповски му беше доделена Благодарница. Уште еднаш изразуваме искрена благодарност за можноста овој предмет да биде зачуван, стручно обработен и достапен за јавноста. Со својата приказна, семеен и историски контекст, предметот дава дополнителна автентичност и ја збогатува нашата постојана поставка – соопшти денеска Музејот на македонската борба.

EXIF_IMG

Никола Петров – Русински, роден во 1875 година е македонски револуционер, деец на ТМОРО, околиски војвода, учесник во Илинденското востание. Завршил подофицерска школа во Софија и бил близок пријател со Гоце Делчев и Васил Главинов. Задоен со идеите на социјализмот, тој го наоѓа своето место во македонското револуционерно движење и безусловно му служи целиот свој живот. Како близок соработник на Делчев, во 1900 година бил испратен во западниот дел на Македонија, каде станал првиот војвода – агитатор во Крушевско, Демирхисарско, Кичевско, Прилепско, Охридско, Струшко, Битолско и Мариово. Учествувал на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание во Битолско. Користел псевдоними како Апостол Скитов, Атила Елонски и сл. Оставил спомени за ВМОРО. По влегувањето на социјалистите во редовите на ТМОРО, Русински станува истакнат организатор и војвода на чета. Спроведувајќи ги доверените задачи тој до август 1901 година ја развива борбената подготвеност на четите во Демирхисарско, Крушевско, Кичевско… Во текот на Илинденското востание 1903 година, Никола Русински командува и со леринските чети, кои се засолнуваат во Мариовско, откако се извлекле од тешката ситуација во Леринскиот реон. По Младотурската револуција во 1908 година Никола Русински живее во Битола, посветувајќи се на социјалистичката идеја и синдикалното движење. Зел учество во Балканската војна, а по војната бил кандидат за парламентарните избори во Пиринска Македонија. Но, набрзо потоа, со почетокот на Првата светска војна Русински бил мобилизиран. Никола Русински умира во крајна беда на 14 јуни 1942 година во Софија. Автор е на книгата „Придонес кон историјата на Внатрешната Македонско – Одринска Револуционерна Организација – за времето 1900 – 1903“, објавена во 1936 година. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ