Петнаесеттиот петгодишен план на Кина (2026 – 2030) ја нагласува важноста од обезбедување водечка позиција во примената на вештачката интелигенција, додека годинашниот владин работен извештај вети унапредување на иницијативата „Вештачка интелигенција плус“ и промовирање масовно усвојување на вештачката интелигенција во клучните сектори, вклучително и во биомедицината. Кина ја забрзува интеграцијата на вештачката интелигенција во својот здравствен систем, од дијагностика потпомогната со вештачка интелигенција до паметни здравствени платформи, со цел да се подобри ефикасноста и да се прошири пристапот до квалитетни медицински услуги.
Вештачката интелигенција веќе прави значителен продор во здравството. До мај 2025 година, Кина имаше пуштено во употреба околу 300 големи медицински модели, додека услугите за далечинско снимање на окружно ниво обработиле повеќе од 68 милиони случаи. Апликациите и медицинските модели напојувани со вештачка интелигенција брзо се прошируваат, поттикнати од зголемената јавна побарувачка за професионални и практични здравствени услуги.
Брзорастечката индустрија за вештачка интелигенција во Кина исто така ги трансформира фармацевтските истражувања и развој. Експертите посочуваат дека вештачката интелигенција може да ги скрати циклусите на истражување и развој, да ги намали трошоците и да ја подобри ефикасноста во биофармацевтскиот сектор.

Вештачката интелигенција и паметното здравство го поттикнуваат порастот на кинеската „сребрена економија“
Развојот на сребрената економија претставува важен пристап за активно справување со стареењето на населението и подобрување на благосостојбата на постарите лица.
Кина го забрзува развојот на својата сребрена економија преку услуги за грижа на стари лица потпомогнати со вештачка интелигенција и паметни здравствени услуги. Таа станува главен двигател на економскиот пораст на Кина. Се очекува секторот да достигне 19,1 трилиони јуани (2,68 трилиони долари) до 2035 година, што ќе сочинува 27,8 проценти од вкупната потрошувачка.
Во Пекинг Е-Таун, неодамна беше отворен првиот паметен центар за грижа на стари лица во светот, управуван со роботика и вештачка интелигенција, кој интегрира услуги како роботска рехабилитација, здравствен мониторинг со вештачка интелигенција, паметна исхрана и роботи-придружници. Центарот опфаќа повеќе од 300 компании за роботика со индустриски обем што надминува 10 милијарди јуани (1,4 милијарди долари), нудејќи реални сценарија за примена на брзорастечките кинески индустрии за роботика и грижа за стари лица.
Во меѓувреме, корисниците на интернет на возраст од 50 години и повеќе сочинувале 34,1 проценти од вкупната интернет-популација во Кина до крајот на 2024 година, што го нагласува зголеменото дигитално вклучување на постарите генерации.
Поттикната од напредокот во вештачката интелигенција, големите податоци и паметните уреди, Кина промовира интелигентна грижа за стари лица, далечинска медицина и дигитални здравствени услуги со цел да се справи со стареењето на населението. Посилната политичка поддршка, технолошките иновации и дигиталното управување приспособено за постарите лица ќе бидат клучни за отклучување на целосниот потенцијал на сребрената економија и подобрување на квалитетот на животот на повозрасните граѓани.
Што направи Кина со современата технологија:


Како фармацевт во индустријата за производство на фармацевтски производи, секојдневно работам со лекови што се издаваат без рецепт, медицински помагала и додатоци во исхраната. Иако бев запознаена со традиционалната кинеска медицина како дополнителен пристап кон здравствената грижа, семинарот во Кина го продлабочи моето разбирање за нејзината важност за современата медицина и мојата професија.

Предавањата, одржани од водечки професори и лекари од институции како Кинеската академија за медицински науки, Универзитетот во Пекинг и Универзитетот „Кунминг“, опфатија теми од гастроинтестинално и кардиоваскуларно здравје до филозофијата на јин и јанг. Тие понудија фасцинантна перспектива што ја спојува научната строгост со медицинските традиции стари со векови.

Менаџер за лекови без рецепт, АЛКАЛОИД
Она што навистина ја оживеа традиционалната кинеска медицина беа практичните демонстрации во традиционалните болници, каде што одблиску набљудувавме масажа на уво, акупунктура, моксибустија и вендузи. Посетите на фармацевтски компании покажаа како древната мудрост се интегрира со современите фармацевтски иновации.
Враќајќи се дома, со себе носам трајни спомени, значајни врски и обновена почит кон традиционалната кинеска медицина. Искрено се надевам дека ќе видам и ќе учествувам во повеќе размени и примени на традиционалната кинеска медицина во Северна Македонија.

Центарот за традиционална кинеска медицина е основан во 2016 година како проект за билатерална соработка помеѓу Народна Република Кина и Република Северна Македонија. Тој е прва и единствена јавна установа од ваков вид во Република Северна Македонија, каде што професионално се практикуваат и се применуваат методи и постапки од областа на традиционалната кинеска медицина.

Самиот Центар се состои од апликативен оддел, научноистражувачки оддел и едукативен оддел. Сите вработени во Центарот имаат завршено едногодишна стручна обука и едукација во Кина.
Во нашиот Центар се применуваат различни терапевтски техники и методи, вклучувајќи акупунктура, електроакупунктура, методот „гуа ша“, терапија со вендузи и масажа „туи на“. Во текот на изминатите години имавме голем број задоволни пациенти, што претставува јасен доказ дека овој пристап кон лекувањето има благотворно и холистичко дејство врз човечкиот организам. Овие методи се сметаат за методи со минимални здравствени ризици, додека значително ја подобруваат подвижноста, ја унапредуваат психофизичката состојба и го зајакнуваат имунолошкиот систем.
Со посветеност, професионалност и голема почит кон традиционалната кинеска медицина, ние континуирано ги промовираме нејзините придобивки за македонските граѓани како ефикасен избор за подобрување на општата здравствена состојба, како и за третман на бројни хронични заболувања.
Д-р Васка Спаскова,
Центар за традиционална кинеска медицина – Штип
Потенцијалот на вештачката интелигенција има цел да им обезбеди на лекарите, научниците и на инженерите сеопфатно разбирање за тоа како, со заеднички напор, тие можат да ги преобразат медицинските податоци за подобрена точност во поставувањето дијагноза, попрецизно предвидување на текот на болеста и приспособена грижа за пациентите. Дополнително, драгоцен придонес може да дојде од традиционалните сеопфатни медицински практики кои, заедно со современата медицина, ја сочинуваат таканаречената обединета медицина.
Кина е водечка земја во спојувањето на традиционалната кинеска медицина со современата медицина заснована врз докази, и водечка земја во научниот придонес, истражувањата и финансирањето на нови пронајдоци, високотехнолошките производи во роботиката, новите материјали, лековите, како и иницијативите на политичко, стратешко и институционално ниво што го обединуваат светското општоприфатено знаење од различни области, кое ќе придонесе за севкупната благосостојба на човештвото.
проф. д-р Нинослав Марина, почесен ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“












