Премиерот на Албанија, Еди Рама, на прашањето дали неговата земја ќе ја блокира Македонија во евроинтеграциите ако не ги спроведе уставните измени, посочи дека неодамнешната негова изјава на оваа тема за бугарски медиум била извадена од контекст. Тој додаде дека Албанија нема намера да го кочи евроинтегративниот пат на Македонија.
„Секогаш сум бил гласен говорник за приближувањето на Македонија во ЕУ и никогаш не би си дозволил на македонската влада или македонскиот народ, да им кажам што треба да направи. Прашањето алудира на прашањето кои Бугарите го имаат кон вашата држава во врска со претходен договор. Имаше подолго објаснување, извадивте само еден дел од контекстот, а тоа е колку жртвувања направила Северна Македонија, дури името го сменила за да влезе во ЕУ. И додадов дека македонската страна со право се сомнева дали ќе постои уште едно вето ако го направи овој чекор, да ги додаде Бугарите во Уставот. Но, од друга страна, Северна Македонија мора да го исполни овој услов за да влезе во ЕУ. Ова е моја претпоставка, но исто така јас никогаш, ниту Албанија никогаш нема да го прекине патот на Северна Македонија кон ЕУ“, кажа Рама.












