Македонската ракометна репрезентација уште еднаш покажа дека му припаѓа на европскиот и светскиот ракометен крем откако со убедлива победа над Словачка од 38:23 (вкупни 69:47 од двата натпревари) во Скопје обезбеди пласман на Светското првенство 2027, кое ќе се одржи во Германија. Избраниците на Кирил Лазаров доминираа од самиот почеток на натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“, рано создадоа висока предност и до самиот крај ја контролираа играта за нов, голем успех на македонскиот ракомет.
Ова ќе ѝ биде десетто учество на Македонија на светските првенства, инаку осмо по ред, што е уште една потврда за континуитетот и за стабилноста на националниот тим.
Најзаслужен за новата победа беше капитенот Филип Кузмановски, кој одигра фантастичен натпревар и постигна 11 гола од 13 обиди. Одлична поддршка имаше од Велковски со шест и Лазаревски со пет погодоци. Кузмановски блескаше и на првиот натпревар против Словачка, кога постигна 10 гола, уште еднаш покажувајќи дека е лидер на оваа генерација и човек што ја презема одговорноста кога е најпотребно.
По натпреварот, Кузмановски истакна дека Македонија максимално сериозно влегла надвата меча и дека тимот сакал да покаже како изгледа вистинска репрезентација. Тој нагласи дека пример за оваа селекција треба да бидат најголемите светски сили како Данска и Франција, но и дека македонските ракометари покажале огромна желба, борбеност и карактер.
Со овој пласман, Македонија стана дел од елитното друштво од само шест репрезентации што од 2012 година настапиле на сите европски и светски првенства. Покрај Македонија, во ова одбрано друштво се уште: Франција, Данска, Шпанија, Хрватска и Исланд. Овој податок доволно зборува за големината на успехот на македонската репрезентација, која, и покрај генерациските промени, останува редовен учесник на најголемите натпреварувања.
За големиот успех, претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, најави премија од 1.500.000 денари за ракометарите и за стручниот штаб. Тоа ќе биде награда за осмото Светско првенство по ред, но и за вкупно 16. големо натпреварување во низа ако се земат предвид и европските шампионати.
Ждрепката за Светското првенство ќе се одржи на 10 јуни, во Минхен, а Македонија ќе биде сместена во вториот шешир заедно со Франција, Словенија, Норвешка, Србија, Шпанија, Италија и со Фарските Острови. Во првиот шешир се: Данска, Германија, Хрватска, Исланд, Португалија, Шведска, Египет и Аргентина.
Светското првенство ќе се игра од 13 до 31 јануари 2027 година, во Германија, поточно во Минхен, Штутгарт, Кил, Магдебург, Келн и во Хановер. Финалната фаза ќе се игра во славната „Ланксес арена“ во Келн, една од најголемите и најпознати ракометни арени во Европа.
Македонија уште еднаш покажа дека ракометот е спорт број еден во државата, а полната сала „Борис Трајковски“ беше доказ за огромната љубов и за поддршката што ја има оваа репрезентација од навивачите. Со нова генерација, нова енергија и со големи амбиции, македонските ракометари продолжуваат да чекорат меѓу најдобрите селекции во светот.











