Во насока на стабилизација и подигнување на стандардите во домашната кошарка, Кошаркарската федерација на Македонија донесе серија важни одлуки насочени кон финансиска дисциплина и системско уредување на натпреварувањето. Најзначајната мерка се однесува на финансиското растоварување на клубовите.

  • Управниот одбор одлучи старите долгови да може да се намират со 40 % попуст, најдоцна до 31 мај, додека за обврските од тековната сезона е предвиден попуст од 20 %, со рок до 20 јуни. Со оваа одлука, Федерацијата има цел да им помогне на клубовите полесно да ги сервисираат обврските и да влезат во новата сезона со почиста финансиска состојба – соопштија од Федерацијата.

Паралелно, беше отворена и широка расправа за новиот Правилник за лиценцирање, кој ќе важи за настап во системот на натпреварување во земјата, вклучувајќи ги МТЕЛ Суперлигата (мажи), Првата лига мажи и Првата лига жени. Предлог-документот опфаќа 12 клучни области – од општи одредби и спортски критериуми до финансиски, инфраструктурни, етички и организациски стандарди, како и процедури за контрола и ревизија.

Управниот одбор ја потврди намерата за воведување јасен и строг лиценцен систем, но пред неговото конечно усвојување, ги задолжи стручните служби да извршат дополнителна анализа. Во рок од осум дена тие треба да направат сеопфатна проверка на предложените решенија, особено од спортски и од правен аспект, да предложат подобрување и да дефинираат јасни и применливи механизми.

По доставувањето на нивните препораки, Управниот одбор ќе пристапи кон финално усвојување на Правилникот, кој треба да ги постави темелите за поорганизиран, транспарентен и одржлив кошаркарски систем во Македонија.

ИЗДВОЕНИ