Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информираше дека го потпишал договорот за изработка на основен проект за зафаќање вода од Раштанска Река со што, како што вели, и официјално почнува реализацијата на едно децениско барање на жителите на Раштак.
Станува збор за долгогодишен проблем и потреба на населението, за кој изминативе години постоеше голем интерес и очекување.
– Со изработката на основниот проект се поставуваат темелите за реализација на овој капитален зафат, кој во иднина ќе овозможи подобри услови и поквалитетна инфраструктура за жителите. Особено e значајно е што средствата за реализација на проектот се обезбедени од Министерството за локална самоуправа, што претставува уште еден доказ за успешната и партнерска соработка помеѓу централната и локалната власт во интерес на граѓаните – истакна Стефковски.
Тој додаде дека продолжуваат посветено да работат на реализација на проекти кои директно ги решаваат потребите на граѓаните и придонесуваат за рамномерен развој на сите населени места во општината.












