Хорот „Драган Шуплевски“ при Факултетот за музичка уметност во Скопје, под раководство на маестро проф. м-р Сашо Татарчевски, имаше извонредно претставување на еден од најголемите универзитетски фестивали во Европа – „Universitas Cantat“, со долга традиција и форум на најквалитетните универзитетски хорски ансамбли од светот.

– Нашиот хор веќе третпат доби покана за учество, што само по себе е извонредно признание. Концертите на хорот „Драган Шуплевски“, овој пат во формација на женски хор, поминаа со огромна посетеност и интерес. Првиот концерт се одржа во градот Калиш, во прекрасната катедрала „Свети Никола“. По концертот, свештеникот што ја раководи катедралата организираше прием за хорот, при што имавме чест да видиме голема фреска на која се претставени патроните на нашиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, светите браќа Кирил и Методиј. Вториот концерт се одржа во впечатливата концертна сала на Универзитетот „Адам Мицкјевич“ во Познањ, Полска, пред бројна публика, која не штедеше аплаузи по изведбата на секоја од композициите. За овој концерт маестро Татарчевски избра програма со композиции од македонските бардови на хорското творештво: Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Драган Шуплевски, Кирил Македонски и Александар Лековски – велат од ФМУ.

Оттаму додаваат дека особено впечатливи и позитивни биле бурните реакции на другите учесници на фестивалот, ансамбли од САД, Германија, Унгарија и од Полска, кои продолжиле со аплаузот и со овациите и откако хорот од Македонија ја напуштил сцената.

– Освен самостојните концерти, нашите студентки учествуваа и во извонредно осмислените работилници, како и во заедничката подготовка и изведба на композицијата „On – Off“ од композиторот Зузана Фалковска, специјално создадена за овој настан. Ваквите континуирани успешни настапи на хорот „Драган Шуплевски“ значат голема афирмација на Факултетот за музичка уметност, УКИМ и на државата во целина и носат покани за учество и на други еминентни музички настани – додаваат од ФМУ.

Инаку, овие настапи и претставување се поддржани од Министерството за култура, УКИМ и ФМУ – Скопје, а се под покровителство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 60 години ФМУ – Скопје.

 

 

ИЗДВОЕНИ