Општина Илинден потпиша договор со компаниите од стопанскиот комплекс „Илинден“ за реализација на значаен инфраструктурен проект. Станува збор за реконструкција на мостот на влезот во локалната економска зона во населба Илинден.
Од Општина Илинден информираат дека се работи за проект од исклучителна важност, кој директно влијае врз подобрување на пристапот и на безбедноста во една од најзначајните економски зони во општината.
– Реконструкцијата на мостот ќе придонесе за поефикасно одвивање на сообраќајот, олеснет транспорт на стоки и подобри услови за работа на стопанските субјекти. Со проектот се планира проширување на мостoт со широчина на коловозот од 7,5 метри и тротоар од 1,5 од едната страна, со што вкупната широчина на мостот ќе изнесува 9 метри и значително ќе ги подобри сообраќајните услови во зоната, каде што постојната широчина на мостот изнесува 4,5 метри – објаснуваат од локалната самоуправа.
Овој зафат е дел од пошироките активности на Општина Илинден во областа на локалниот економски развој, насочени кон модернизација и унапредување на јавната инфраструктура.
– Со ваквите инвестиции се создаваат услови за поголема конкурентност на компаниите, како и за привлекување нови инвестиции. Проектот има значење не само за деловната заедница туку и за сите граѓани кои секојдневно го користат овој патен правец – сметаат од Општина Илинден.












