Убавата македонска фолк-пејачка, Кате Брезева од групата „Соната“, повторно има одличен музички проект со споменатата група. Станува збор за македонски бисери, но од забавната музика, во комбинација со светскиот хит „Shallow“. Идејата што еднаш се покажа како полн погодок, очигледно, заслужува ново, второ поглавје. Како што информира телевизијата „Балкан мјузик“, станува збор за музички проект што не е само „уште еден сет кавери“ туку и вистинско музичко патување низ времето – од златните ретро години, па сè до некои понови хитови што напамет ги знаеме сите.
На репертоарот се наоѓаат еден куп песни, кои нè враќаат во убавото поминато време на младоста. Носталгија. На некој начин, потсетник дека добрата музика секогаш има своја публика. Тоа се и спомени на некои стари љубови, на првите симпатии, училишни денови и сето тоа преку песните „Не заборавај“, „Ангел си ти“, „Келнерот“, „100 % те љубам“, „Косоока“, „Дај ми да заспијам“, „Нинанајна“ и многу други.
Овој пат „Соната“ звучи сосема поинаку, пред сè, со грст емоции. Она што го прави овој проект посебен е фактот што не се случајно избрани овие песни. Напротив. Тие се веќе дел од нивните настапи, проверени пред обожавателите и докажани како песни што луѓето сакаат да ги слушаат, пеат и доживуваат. Аудиопродукцијата е реализирана во студиото „Кактус“, под водство на маестро Горан Милошески, чие име одамна е поим за квалитет на домашната сцена. Визуелниот дел за песните е снимен во просториите на телевизијата „Балкан мјузик“, со потпис на „Арт-студио продукција“и маестро Дејан Горгиев – тим што знае како да ја претвори музиката во визуелна магија.
Од „Соната“ велат дека овој проект им е еден од најмилите. И тоа не е само празна изјава – тоа се тие чувства додека Кате занесно пее. Со самата изведба, со својата енергија и со своите позитивни вибрации. Затоа што Кате никогаш не глуми додека пее, таа се соживува со секоја песна, и народна и забавна. (Д. М.)












