Угостителите што имаат објекти на катот во трговскиот центар – блок А во Кочани, во текот на неделава ќе мораат да ги отстранат времените градби – тераси поставени пред своите локали на јавнофреквентна површина.
Просторот на катот во трговскиот центар – блок А треба да биде вратен во првобитната состојба. Ова значи дека плочникот пред локалите (сите пицерии) мора да биде целосно расчистен и прооден за минувачите, а не како досега, пешаците да се движат низ мал „тунел“ широк метар и пол, велат одговорните. Ова, како што нагласуваат, е последица на средбата на градоначалникот Владко Грозданов со угостителите, пред два месеца. Тогаш беше постигнат договор за отстранување на времените објекти на катот во трговскиот – блок А, кои се третираат како бесправно изградени. Притоа, угостителите на сопствен трошок ќе ги отстранат градбите во дадениот рок.
Подоцна, во согласност со важечките законски прописи, сопствениците на угостителските објекти ќе можат да побараат од надлежните во општинската администрација да им одобрат користење на јавнопрометната површина. Доколку добијат согласност за такво нешто, ќе можат да постават подвижни тенди, чадори и друга опрема за вршење угостителска дејност, но просторот што ќе го користат не смее да биде ограден. Тој ќе мора, според важечките прописи, да биде отворен од три страни.
Што се однесува до кафулињата на приземјето во трговскиот – блок А во Кочани, тие веќе го направиле она што се барало од нив, односно ги отстраниле застаклените делови од локалите што се на јавна површина. Кај нив тендите нема да се отстрануваат.
Отстранувањето на времените градби – тераси од пред угостителските објекти, освен за објектите во трговскиот центар блок А и Б, важи и за сите угостителски објекти на територијата на Кочани.












