Во духот на традицијата, мирисот на домашно месено тесто и вкусовите што потсетуваат на детството, и годинава на манифестацијата „Зелникот на баба“ во Пробиштип се собраа десетици домаќинки, љубители на македонската кујна и посетители од целата земја и од соседството.
Манифестацијата „Зелникот на баба“ во Пробиштип прераснува во препознатлив гастрономски белег и има цел да ја зачува автентичната рецептура на зелникот, едно од најкарактеристичните македонски традиционални јадења.
Годинава имаше 35 штанда на кои се нудеа зелници од сите краишта на Македонија. Учесничките, најчесто повозрасни жени, но сè почесто и млади домаќинки, ги презентираа своите вештини во подготовката на зелник со различни филови. Една од нив беше и Весна Петрова во познатото пробиштипско село Лесново, каде што домаќинките го сукаат надалеку познатиот лесновски зелник.
– Ние настапивме со зелник со печени кори, со праз, сушени кори со праз, плесиран зелник со праз. Имавме и мрсно „орчкурпиле“ со урда, блитва, лобода – изјави Петрова.
Таа додаде дека младите имаат интерес за сукање зелници и баници.
Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, вели дека интересот за „Зелникот на баба“ расте од година на година, а настанот не е само натпревар туку и можност за пренесување на знаењето од генерација на генерација.
– Со оваа манифестација сакаме да ја задржеме традицијата и да им ја пренесеме на помладите – изјави Тоневски.
Раде Илиевски, вработен во Општината и дел од тимот за организација на манифестацијата „Зелникот на баба“, најави дека веднаш по завршувањето на 12. Издание, ќе почнат со постапката за брендирање на манифестацијата.
– По завршувањето на манифестацијата, ќе прејдеме на тоа да си ја брендираме, да си ја заштитиме, која е единствена, уникатна во Македонија, единствена од ваков вид и токму за тоа зборува оваа голема посетеност – изјави Илиевски.
„Зелникот на баба“ останува симбол на домашната кујна, но и доказ дека старите вредности и рецепти сè уште живеат меѓу луѓето, пренесувајќи ги топлината, заедништвото и љубовта кон традицијата. Манифестацијата „Зелникот на баба“ беше посетена од гости од земјава и од странство, а имаше и натпревар во брзо сукање зелник, со печење под вршник.












