Во „Стоп за Вардариште“ се револтирани по последната случка со горење на поранешната депонија „Вардариште“ и велат дека доколку не се почитува претходно договореното, не му се стави крај на загадувањето што го предизвикува депонијата и доколку се повтори ваквото палење, повторно ќе ги активираат блокадите. Од Град Скопје денеска истакнаа дека депонијата „Вардариште“, согласно со ветувањето дадено во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, влегува во фаза на темелно чистење и ќе замине во историјата.

– Во изминатиов период се одвиваше процес на површинско чистење на локацијата, кој е согласно со изработената физибилити студија и предвидената динамика – наведуваат градските власти.

Додаваат дека било предвидено вчера да почне „одгасувањето“ на депонијата, кое, како што велат, ќе го реализира специјализирана компанија, со соодветна експертиза. Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, потенцираа дека наредбата за забрането движење неовластени лица на „Вардариште“ сè уште е на сила и дека се изнаоѓа начин за континуирано следење со камери на локацијата

 

По седум месеци пауза, поранешната депонија „Вардариште“ вчера доцна попладне повторно гореше. Гореше и депонијата во Арачиново. Тоа го потврдија и од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од ЦУК информираа дека преку единствениот телефонски број 112 била добиена пријава за пожар на депонијата „Вардариште“, за што била известена Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

– Во периодот од 17:30 до 18:40 часот, пожарникарите ја гаселе запалената депонија „Вардариште“, која е на површина од 1.000 квадратни метри, на улицата „Перо Наков“. Интервенцијата ја извршиле со две противпожарни возила, а биле вклучени шестмина пожарникари. А во 21:55 часот остваривме контакт со Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, во врска со пријавата за пожарот во Арачиново. Од страна на дежурниот бевме информирани дека е активен пожарот веќе 10 дена, а во моментот се чека нова пријава за негово ширење, по што би се пристапило кон повторно гасење – соопштија од ЦУК.

За повторното палење на депонијата „Вардариште“ реагираа од „Стоп за Вардариште“, кои остро, со протести и блокади, се спротивставија на постојаното горење, кое го загадува воздухот и го нарушува здравјето на луѓето. Тие се револтирани и велат дека ова е последно предупредување од нив. Доколку не се почитува претходно договореното, не му се стави целосен крај на загадувањето што го предизвикува „Вардариште“ и доколку се повтори ваквото палење, велат дека повторно ќе ги активираат блокадите.

– Ги повикуваме сите надлежни институции итно да реагираат и со највисок степен на сериозност, а Министерството за внатрешни работи да го врати полициското присуство на депонијата. Нема да дозволиме поранешната депонија повторно да го труе Скопје – децидни се од „Стоп за Вардариште“.

Од Град Скопје денеска истакнаа дека „Вардариште“, согласно со ветувањето дадено во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, влегува во фаза на темелно чистење и ќе замине во историјата.

– Во изминатиот период се одвиваше процес на површинско чистење на локацијата, кој се врши согласно со изработената физибилити студија и предвидената динамика – наведуваат градските власти.

Додаваат дека било предвидено денеска да почне „одгасувањето“ на депонијата, кое, како што велат, ќе го реализира специјализирана компанија, со соодветна експертиза.

– Станува збор за сложен и сериозен зафат, кој првпат се спроведува во државава по нејзината независност и претставува значаен чекор во решавањето на еден децениски, еколошки проблем – потенцираат од Град Скопје.

Притоа, наведуваат дека по целосното завршување на сите предвидени активности, просторот на поранешната депонија ќе биде целосно трансформиран во модерен јавен парк со површина од околу 300.000 квадратни метри, наменет за граѓаните и за подобрување на квалитетот на живот во градот.

За тоа зошто нема обезбедување на депонијата и дали се знае кој повторно палел, од Министерството за внатрешни работи одговорија дека полициски службеници од СВР Скопје во континуитет, изминатиов временски период, вршеле патролна дејност на локацијата.

– СВР Скопје презема мерки и активности за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци – децидни се од МВР.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, потенцираа дека наредбата за забрането движење неовластени лица сè уште е на сила.

– Надзорот на локацијата го спроведуваат МВР и МЖСПП. Во моментов немаме добиено податоци од надлежното Министерство за сторителот на делото – информираат од МЖСПП.

Но, додаваат дека се изнаоѓа начин за континуирано следење со камери на локацијата.

Генералниот инспектор во Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање, Дарко Блинков, во изјава за весникот ВЕЧЕР се огради од надлежноста, потенцирајќи дека таа е на Град Скопје и на Општина Гази Баба.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ