Со транспаренти на кои, меѓу другото, пишуваше „Договорот назад, веднаш“ и „Културата не се поништува“, денес културните работници, организирани од Синдикатот на културата, со мирен протест ги искажаа своите барања пред Министерството за култура. Дел од барања што беа истакнати е да се почитува достоинството на нивната професија и да не се поништува Колективниот договор. До собирот дојде откако на вчерашната средба помеѓу претставниците на СКРМ и Министерството за култура не дојде до договор.
Од Министерството за култура посочија дека по средбата со претставниците на Синдикатот на културата на Македонија, очекуваат разговорите да продолжат и во наредниот период, со поинтензивна диманика.
Од Синдикатот на културата, пак, потенцираа дека протестот доаѓа како резултат на тоа што Колективниот договор е на удар, правата се газат, а културните работници се понижени.
Со протестот, како што посочуваат од Синдикатот, се изразува незадоволство од одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за укинување на Колективниот договор за култура. Една од причините е и прекршувањето на договореното во начинот на пресметка на платите во културата.












