четврток, јуни 25, 2026
Дома СВЕТ Катастрофа од библиски размери каква што не се случила во последните 100...

Катастрофа од библиски размери каква што не се случила во последните 100 години: Два разорни земјотреси за помалку од минута направија пустош во Венецуела

700
EPA/RONALD PENA R

Во средата во 18:04 часот по локално време, се случи првиот земјотрес од 7,2 степени, а 39 секунди подоцна и вториот од 7,5 степени, срамнувајќи цели градови со земја. Според Геолошкиот институт на САД, има 44 проценти шанси бројот на жртви да достигне 10.000, како и 30 проценти шанси да надмине 100.000. Сеизмолозите велат дека речиси е сигурно следната недела да има уште земјотреси од најмалку пет степени

Градови срамнети со земја, мртви и ранети, луѓе што врескаат од под купишта урнатини во средата попладне оставија двата најсилни земјотреси што ја погодиле Венецуела во последните 100 години. Во 18:04 часот се случи првиот земјотрес со магнитуда од 7,2 степени, регистриран на длабочина од 21,9 километри, а 39 секунди подоцна и вториот, посилен, од 7,5 степени, на длабочина од само 10 километри, и двата со епицентар близу до главниот град, Каракас.

По разорните земјотреси, привремената претседателка на земјата, Делси Родригес, прогласи вонредна состојба, а крајбрежната држава Ла Гваира, во северна Венецуела, каде што има најголеми уништувања, е прогласена за зона на катастрофа. Спасувачките служби беа во трка со времето да ги извлечат луѓето заробени под урнатините на повеќекатните згради, а се копа и со голи раце за да се извадат затрупаните. Сериозно е оштетен и аеродромот во Каракадс, кој е затворен.

Неколку часа по првичните информации за најмалку 32 загинати и повеќе од 700 повредени, кои ги соопшти претседателката, дојдоа нови, за над 160 жртви и близу 1.000 повредени. Но, Геолошкиот институт на САД (УСГС) излезе со процена дека може да се искачи бројот на загинати до 100.000.

– Огромен број жртви и сериозна штета се голема можност, а првите процени за бројот на жртви е помеѓу 10.000 и 100.000 – објави Институтот, појаснувајќи дека има 44 проценти шанси бројот на жртви да достигне 10.000, како и 30 проценти шанси да надмине 100.000.

Претприемачката Џулија Алесандра разви платформа за пријавување исчезнати луѓе во земјотресот, на која уште во првите неколку часа биле пријавени повеќе од 10.000, од кои речиси 300 подоцна биле пронајдени.

Најкритична е ситуацијата во крајбрежниот град Катија Ла Мар, каде што, според првите извештаи, речиси нема неоштетена зграда. Новинарка на Би-би-си, која е на терен, објави дека гласовите на заробените луѓе јасно се слушаат од под урнатините.

– Може да ги чуете како викаат: „Викајте помош! Тука сме!“ – рече таа, додавајќи дека голем број граѓани сè уште се на улиците бидејќи се плашат од нови земјотреси.

Според жителот на Ла Гваира, Хозе Ролон, ситуацијата во градот е целосно надвор од контрола, а основните услуги како струја, Интернет, вода – не постојат. За шпанската државна телевизија, тој изјави дека направил обиколката на областа Лос Коралес и вели дека таа практично исчезнала.

– Зградите што беа таму – ги нема. Изгледа како да имало експлозија или контролирано рушење, ниту една од нив не останала недопрена – опиша тој, додавајќи дека видел слична сцена во Карабаледа, каде што има луѓе што се обидуваат да ги ограбат домовите, додека други плачат и ги повикуваат членовите на своите семејства, надевајќи се дека ќе ги најдат живи.

Тој вели дека една од клиниките во Карабаледа се срушила, но докторите и медицинските сестри се грижеле за повредените на улицата. Ролон, кој и самиот останал без дом, забележува дека државата не постои и дека луѓето се оставени сами на себе.

– А, сега сум на улица. Нема апсолутно никакви известувања, како да не постои држава, луѓето се оставени сами на себе. Не сме слушнале никаква официјална изјава, ниту од градоначалникот ниту од кој било друг орган. Секој се справува најдобро што знае, обидувајќи се да ги пронајде своите и да преживее. Сведоци сме на уништена држава што институциите ја заборавиле. Немаше превенција за природна катастрофа од ваков обем и сега ги гледаме последиците – заклучува тој.

Видеата и изјавите на граѓаните сведочат за ужасот. Жителка на Каракас раскажува дека морале да почекаат малку да се смири тлото за да избегаат, додека околу нив пукале ѕидовите и насекаде паѓале предмети. Ситуацијата беше дополнително влошена од тоа што кога се случи земјотресот, Венецуела славела национален празник, па повеќето граѓани биле во своите домови.

Сеизмологот Пол Ерл од УСГС објаснува за „Њујорк тајмс“ дека според нивните прогнози, постои 40 проценти веројатност да се случи земјотрес во истиот регион, со магнитуда од 6 или повеќе степени во следната недела, а речиси сигурно и земјотрес со магнитуда од најмалку 5 степени според Рихтер. Геофизичарот Вилијам Јек, исто така од УСГС, изјави за Си-ен-ен дека двата последователни земјотреси предизвикале огромна штета бидејќи биле плитки и погодиле густонаселени области.

– Не е тресењето на земјата тоа што ги убива луѓето. Туку зградите се тие што ги убиваат луѓето – нагласи Јек.
Тој објасни дека Венецуела претежно има неармирани бетонски згради, кои се исклучително ранливи на уривање. Ова е во остра спротивност со градежните конструкции во други сеизмички активни делови од светот, како што се Калифорнија или Јапонија, каде што се на сила строги градежни прописи и стандарди за градби отпорни на земјотреси.
Голем број државници и функционери, меѓу кои Путин, Трамп, Урсула фон дер Лајен, Макрон… изразија сочувство и понудија помош. Порака за солидарност со својот народ, од американскиот затвор во кој се наоѓа, испрати и поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро.

Во ист ден земјотреси и во Јапонија и во Калифорнија, сеизмолозите велат не се поврзани

Истовремено со Венецуела, силни земјотреси ги погодија и Јапонија и американската држава Калифорнија, по што се отвори прашањето дали има врска меѓу нив. Јапонија беше погодена од земјотрес со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала, а Калифорнија со јачина од 5,6 степени.
Сеизмолозите велат дека не постои причинско-последична врска меѓу овие земјотреси, зашто се случиле на сосема различни раседни системи и граници на тектонските плочи. Затоа еден земјотрес не можел да предизвика друг и покрај фактот што се случиле речиси истовремено.

 

ИЗДВОЕНИ