Со монодрамата „Кармен“ на Драмски театар Скопје во изведба на актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и во режија на Дејан Пројковски, утре (14 август), во Неготино се отвора театарскиот фестивал „Бранко Ѓорчев“.
Монодрамата „Кармен“ ќе биде изведена на фестивалот 51. пат по премиерата што ја имаше во мај 2021 година. Претставата е работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес.
Актерката Драгиќевиќ-Пројковска има добиено неколку меѓународни награди и признанија за улогата. Сценографијата е на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајкоски.
Инаку, ова е трето издание на фестивалот „Бранко Ѓорчев“, кој се одржува во чест на истакнатиот македонски актер. Претставите ќе се одржуваат во салата на Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“, а ќе почнуваат во 20:00 часот. Влезот за публиката, која ќе има можност да проследи пет претстави во ревијалната фестивалска програма од 14 до 23 август, ќе биде слободен.
На 18 август (вторник) ќе биде изведбата на претставата „Знаме и куфер“ на режисерката Изабела Јакимова, во продукција на „Театар за тебе“ од Скопје.
Наредниот ден, Театарот „Ј. Х. К.-Џинот“ од Велес ќе ја изведе претставата „Синиот портокал“ на режисерот Александар Ивановски, а на 21 август (петок) на програмата на фестивалот е „Магионичарско шоу“, детска програма со Кристијан Шопов – Кико Магико.
Фестивалот се затвора во недела на 23 август, со ансамблот на Народниот театар „Ацо Шопов“ од Штип, кој ќе ја изведе претставата „ЈЗУ Европа“ на режисерката Кристина Атансова.












