четврток, август 13, 2026
Дома LIFE Проф. д-р Марко КИТЕВСКИ: Макавеи – празник, календар и гатање за времето...

Проф. д-р Марко КИТЕВСКИ: Макавеи – празник, календар и гатање за времето  

1
ВО ПРОСТИОТ НАРОД ИМА ГОЛЕМА ФИЛОЗОФИЈА  

 

Во народот, празникот Макавеи се држи како тежок празник. Во некои места се смета дека овие празнични денови се шест, во други дванаесет. Во цела Македонија, според тоа какво ќе биде времето во текот на овие денови, се прогнозира времето за следните шест месеци (зимскиот период) или за цела година.

На први август според стариот календар (или на 14 според новиот), што се совпаѓа со започнувањето на Богородичините пости, се празнува празникот на седумтемина браќа, маченици од макавејскиот род, за кои пишува во Стариот завет на Светото писмо (Библијата). Во Библијата не се забележани нивните имиња, но нив ги запаметило црковното предание, и тие се: Авим, Антонин, Гуриј, Елеазар, Евсевон, Алим и Маркел. Тие со мајка им Соломонија и татко им свештеник Елеазар, како и со други приврзаници на Мојсиевите закони, страдале со маченичка смрт, по наредба на сирискиот цар Антиох, од едни наречен просветител, а од други безумен. Затоа што храбро ја бранеле својата вера, царот ги мачел еден по еден пред очите на мајка им, им ја дерел кожата, а потоа ги фрлал во оган. Кога го направил тоа и со последниот, тригодишниот син, мајката скокнала во огнот, предавајќи му ја така душата на својот единствен Бог. Тоа се случило околу 180 години пред Христа. Светата христијанска црква го определила денот 1 август (односно 14 август според новиот календар) за заеднички празник на седумтемина браќа Макавеи, на нивната мајка Саломонија и на свештеникот Елеазар, за сеќавање на нивните имиња и на нивната маченичка смрт.

Во Велешко, како што забележал Димитар Матов, на први август не се работело, се држел празник за да не им се трошат (да не им се јадат) прстите на жените при предење, а од првиот до шестиот ден во месецот се гледало какво ќе биде времето и какви ќе бидат месеците од октомври до март. Според записот на Е. Спространов, во Охрид првите 12 дена од август се викале Макавеи и тогаш жените не переле и не работеле тешки работи. И овде, според Макавеите, се прогнозирало времето во текот на годината со тоа што на еден ден одговарал еден месец. Ако времето било убаво цел ден, значело дека целиот месец ќе бил убав, ако, пак, било променливо, значело дека и во текот на месецот ќе било и убаво и лошо. Вакви верувања за 12 дена Макавеи запишал и К. Шапкарев, само што тој сведочи дека времето што одговара на секој ден започнува од август. Шапкарев уште пишува дека не само што не работеле жените во ова време туку и не ги бањале децата.

Во Зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека во Кукуш овие денови, 12 на број, се викале Моринки. „Првите дванаесет дни од Августа се викает Моринки. Тие дни жените не работает, ни перат, ни деца кʼпат. На тие дни гатает за доброто или лошото време за цела година; ако на пр. првиот ден од Августа чинит горештина, коложек (јанвар) ќе бидит студен, и напротив; ако на вториот правит добро време, на сечка (феврал) ке чинит лошо; и така за другите“.

Марко Цепенков сведочи дека во првите три дена од август не чинело ниту да се пери ниту да се бања, што значи воопшто да не се фаќа вода, освен за пиење. Ако се перело во тие денови, алиштата ќе се искинеле. М. Цепенков притоа забележал дека бил сведок алишта перени во овие денови, веднаш се искинале. „Мајка е на снаа ми Марија пред 15-16 години белила коприна во трите дена од август и, за чудо големо, коприната му се искинала парче по парче. Па ти не веруј, тате ‒ ми рече снаа ми кога сум видела јас со свои очи дома“.

Очигледно, споменот на седумтемина браќа од Стариот завет долго останал во црковното предание, а тоа што се совпаѓал нивниот празник со почетокот на август, кога е свртено вниманието на човекот кон есента и зимата, придонесло да се поврзе тоа со народното гатање, односно со прогнозирањето на времето.

Денес, во време на развиена технологија, кога инструментите со голема точност ја покажуваат временската состојба, многу полесно е да се прогнозира времето на покус или на подолг период. Меѓутоа, во минатото, човекот тешко можел да предвиди какво ќе биди времето следниот ден или во повеќето идни денови. Се сметало дека сè се одвива според Божјите закони и дури не се препорачувало човекот да се меша во Божјите работи. За сонцето, месечината,  ѕвездите, облаците, ветрот, градоносните облаци и др. човекот имал митски претстави и живеејќи во страв, тешко се решавал да претпоставува што ќе се случи во иднина. Сепак, животното искуство го научило дека ако се следат некои природни појави, однесувањето на животните и на птиците, дрвјата и сл., може да се насети какво ќе биде времето до крајот на денот, во текот на ноќта или следниот ден. Некои поискусни луѓе што го минувале животот во природа, можеле да дојдат до заклучок дека се повторуваат некои работи, дека се поврзани некои работи една со друга.

Еден од тие народни мудреци што оставиле скапоцени податоци за нашето минато, Марко Цепенков, запишал дека: „Кој може да не се чуди на виолозовијата од нашите стари коа ќе чуе нешто чудно прикажуање за времето: во кој ден ќе било лошо, во кој арно и дури за целата година, да ти кажат као ќе биди као на книга, при што на рабуш пишуат“. Откако запишал многу вакви нешта, видел дека „има у нас селани бескнижни ама поеќе знаат од попот што му попуат в село“. Треба само да ги најдеш тие старци и старички и „да му закажиш нешто прво ти за времето као ќе биди, по тој нишан што си го видел на месечината али на ѕвездите, али во пилците, али во дрвјата, јемишо и во ер какво да е друго нешто, туку на часо ќе ти го пресечат зборо и ќе ти кажат нешто друго, што не си го чул, и ќе си речиш со умо оти овој старец, али стара, не работела ништо, дури била млада, ами само се пулела по сонцето, месечината, ѕвездите и др., та станале вилозофи што ти ји кажуаат овие чудни работи. Од тие вилозовии на нашите старци мошне малце сум ји обишол (пробал) и сум се уверил оти вистина излегуа како што велат старците“. Цепенков вели дека има некој старци (најмногу овчари) и старички кои знаат за времето какво ќе биде, кое од дрвјата кое од имањето.  „Има и по некој стари што да знаат целата година каква ќе бидит, дали плодородна дали скудна и дали зима ќе има лоша, дали не ќе има. Тоа нешто го знаат од големото или силното паметуање нивно. Такви старци прикажуаат оти на осумнаесетте години идела истата година што е годинава; истата година ќе било и другата година на осумнаесеттата година. Од некој сум се учил на дваесет и осум години идела истата година. Која година сакаш, таа поверуј, сеедно е“.

 

Некој овчар од селото Милин Камен, му раскажувал на М. Цепенков за Јоана прикажувачот од градот Кочани кој знаел какво ќе биде времето во наредните денови. Овчарот патувал со татка си и го сретнале Јоана, па го прашале какво ќе биде времето во тие три дни. Тој им рекол, „првиот ден ќе заврнело дожд, за вториот вет’р и треќио ќе се отвори времето и завистина така станало. Во 1896 година, пак, Ефто вурнаџијата од Тетоо му прикажувал за некој старец философ од село Катраница (Пожаран, Тетоско) што бил воденичар на воденицата на Реџеп-паша. Старио го викале Силјан. Тој знаеше да кажи за секи ден времето како ќе биди и зиме и лете; знаеше за секи месец и за многу години која година каква ќе биди со времето и со бериќето. Од што знееше времето, знаеше и за али ќе има кавга помеѓу царевите и кралевите“, вели Цепенков.

Времето се гатало според разни показатели, на пр. ако се роделе летото многу трненки, дренки, лешници и ореви, лоша зима ќе имало; кога колеле свиња во есен, луѓето гледале  на слезинката, ако е напред потесна, назад поширока, зимата ќе била напред лесна и назад тешка (лоша) – и наопаку; гатале и според однесувањето на птиците, мувите, комарците итн. На пр. „ако касаат мувите и комарците, чекај лошо време, во летно време, ако летаат ластојците до земја ниско, бездруго дож да врни; јарапчињата и гугучките кога да слегуаат од куќите и од дрвјата наземи, по патиштата, да бараат јадење, чекај дож во лете да врни, а зиме снег“ итн.

Еве како се прикажуа за свињите и за биолите како и застрамиле еден еќим и еден философ што оделе по некој села да пишуаат, еќимо болести и вилозофо вилозофсќи работи. Патот ги донесол до некоја селска куќа од некој богати селани. Вечерта гостите посакале да спијат надвор на отворено, ама селаните не ги оставале, чунки знаеле дека ќе врнело ноќта. Кога го чул тоа, вилозофот се насмеал и им рекол: „А бре пријатели вие не веруам да знаите книга и да имате календар та да сте пеале и да знаите оти ќе врни. Мене што занаато ми ет, што дења-ноќа кај гледам по небеси, по ѕвездите и не видов во некоја ѕвезда оти ќе врни, а пак вие ми се пофаливте оти ноќеска ќе врни силен дож“.

„Утре ќе чиниме лакрдии, пријателе, и друго ништо“, му рекле домаќините и си легнале. И туку дошло времето на полноќ, ете ти еден силен дож се разврнало. Кога виделе, еќимот и вилософот се зачудиле и си влегле в куќи та преноќуале. Утрото ги прашале домаќините од каде знаеле дека ќе врни дожд за да ги пишат во филозофиите. „Ќе ве молам да ми кажите за да го пишам во филозофиите што сум и пишал“.

Коа чуја селаните молбата од учениот граѓанец со ѕрцалата на очите, почнале да му кажуаат: „Вистина оти немаме келендар, пријателе – му рекле домаќините- арно ама ние имаме свињите наместо календар. Ние знаиме кога да ринкаат свињите во земјата, при се што да је времето убао и јасно, пак ќе врни дож. Ете од тоа познааме пријатели. Ами знаите пријатели – му се свртеа друзи селани – оти од денеска, али од утре ќе се јави една болес по луѓето многу лоша, што ќе блујат и надвор ќе и терат. Ете и тоа го разбравне од нашите биоли, а не од книга. Чунки вчера се раштрклаија. Разбравте сега?  Имајте на ум ова што ви го казав и коа ќе видите тогај поверуајте“.

Еќимот им се изнасмеал и им рекол: „Саде тоа не е за веруање, вие зер сте зборуале со Господа да што знаите?“ По тие зборови туку беше му се слошило на еќимот и удрил да блуе и да дрскат. Бре аман што се чини чаре, билки немал да пие за да оздрави. Пак селаните собрале од градина малку нана и беа свариле, та од водата беа го напојале со лажичка и лисјето на лажичката беа му и врзале и за некој саат-два беше оздравел пустио еќим што беше се чинел од селаните поучен.

Али виде пријателе – му рекол еќимот на вилософот – оти едни селани, ич неучени, да знат коа ќе врни и коа ќе вати болес и па каква болес ќе бидит и уште од болеста со трева сварена да ме оздрават. Јаз’к је за нас што сме учеле толкуа години и сме поарџиле безброј пари, подолу да сме од едни селани бескнижни“.

„Нека зини земја да не голтни пријателе –  му рекол вилософот, зашто сме живи кога не сме знаеле за едни селани“.

Селаните забележале и дека на зајдисонце ако ринкаат свињите околу кошарите ноќта чекај силен дожд да врне. Во врска со ова искуство е и едно вакво кажување. “Некој учен човек бил во некое село на гости. Било летно време и кога дошло време за спиење, посакал да му постелат во гумното на отворено небо. Арно ама домаќинот не го оставал да лежи на отворено чунки ќе врнело. Но тој многу сакал да спие надвор и за да не му кршат атерот, му послале да легне на гумното. Ноќта тамам на полноќ време коа беше ти бликнало еден силен дож, врнало, врнало, дури му втасало. Ученио беше се окапал како некој воден пештемел беше се направил дури беше си отишол под трем. Браос бре чоече, му рекол ученио, оти си знаел од учените појќе. Молим те ако не ми кажиш од кај знаеше оти ќе врни дож?“

„Знаеш, пријателе, од ринкањето на свињите – му рекол селанецот – што ринкаа околу кошарите, сношти на зајсонце“.

„Пустелијо наша, си рекол сам со себе ученио – па учени се праиме и не знаиме колку еден селанец што не знаит убао да се прекрсти“.

Народот верувал дека теле, јунче, вол кога да играат и клоци да врлаат покажуат лошо време да ватит. Кога си идат од гоеда навечер пашити гоеда ако си влегуваат прао в говедарник, под покрив в куќи, чекај ноќта голем дож, а пак кога ќе си дојдат и не влегуаат под покриено (дома) нема да врни, ами ќе си биди времето како што си е.

Некое момче идејќи од учење го стемнило на патот и се вратило да ноќеват кај еден селанец. Вечерта домаќинот го поканил да си влези дома да си спие, а момчето не сакало чунки било лето и му рекло да му постелат да спиет во гумното.

„Арно е и в гумно, му рекол домаќинот, туку ноќеска ќе врни силен дож да затоа лежи си в куќи“.

„Бре да дож ќе врни а? Зер на рабуш ти виде што знаиш оти ноќеска ќе врнит на ова чисто време, што дури трепетат ѕвездите“, му рекло момчето.

„Јас на рабуш не гледам, момче, туку преиска кога си дојде кравата од гоеда прао на јасли в куќа си влезе, да од тоа знам оти ќе врнит, чунки уште од малечок јас тоа сум го запазил да не е чаре да не заврнит“,

Ученото момче му се изнасмеало на стариот и си легнало на гумното. Ноќта кога бликнал еден дожд и кога се окапало, момчето го пофалило знаењето на стариот.

„Јаз’к на моето учење, бре стрико, кога не знам ти што знаиш“, и брго си отишло чунки се устрамило.

Во друга приказна се раскажува дека кога шетал по селата, некој бег влегол во куќата на еден селски поп. Пред да се стемни, видел бегот како носела свињата во устата слама, си играла со полна уста сламужина, трчала низ дворот, беснеела како „да беше се поулајла“. Го прашал бегот попот зошто беснее толку свињата. „Е време ќе ватит, бег, ноќеска ќе ни даит Господ снег, ем арен снег“. Се заинатиле бегот и попот јок ќе врни, јок не врни, се обложиле  ако заврни „бего ќе му ја даел маската од Арапот што го имал со себе, а пак ако не заврнит попот да му го даит коњот“.

Си легнале и едно време бегот го скорнал Арапот за да види какво е времето надвор.

„Времето ет бег, му рекол Арапо – на твоето лице и на моето  (од кај што беше јасно, се заоблачило.)“ Вториот пат му кажал дека времето е на неговото лице (чисто заоблачено.) Третиот пат, во зората пак го скорнал бегот Арапот да види какво е вермето. „Времето ет бег, на бојата од попо брадата“. Тоа значело дека паднал снег.

Утрото си дал бегот маската на попот и си тргнал по патот да си оди.  Одејќи, спрел еден оџа и го прашал:

А бре оџа, види во ќитапот како ќе биди утре времето?

– Што знам бег – му одговорил оџата – јас не се мешам во Божја работа.

– Јаз’к да ти бидит на оџалако и на ќитапо, бре оџа, кога не си знаел колку свињата на попо!“

Така му рекол и си заминал.

Цепенков вели дека би било добро учените луѓе да ги проверат овие работи и да ги пишат во книга за да видат Европејците дека има голема филозофија во простиот народ.

(Авторот е универзитетски професор и проучувач на македонскиот фолклор)

 

ИЗДВОЕНИ