петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Кандидатите за членство во Унијата ќе се доближуваат преку системот на „градежни...

Кандидатите за членство во Унијата ќе се доближуваат преку системот на „градежни блокови“: Макрон и Мицкоски на маса – Европа со нова понуда за Балканот

Почетокoт на работата на собирот ја одбележа појавата на германско-францускиот „нон-пејпер“, во кој клучна новина е концептот преку кои земјите кандидати би добивале конкретни придобивки во зависност од реформскиот напредок што го постигнуваат, постепена интеграција во единствениот европски пазар, постепено вклучување во европските политики и институции, па сè до учество како набљудувачи на состаноците на Советот на ЕУ и Европскиот совет. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека ЕУ е во процес на градење поголема стратешка автономија и дека станува побезбедна, поотпорна и посилна, но дека нема да биде комплетна без Западен Балкан. „Ќе разговараме како да го забрзаме процесот на проширување, да го направиме повидлив и стратешки значаен“, рече Фон дер Лајен додавајќи дека сега е моментум за проширување кој треба да се претвори во движење. Германскиот канцелар Фридрих Мерц, еден од авторите на „нон-пејперот“ порача: „Ако веќе 13 години не сме примиле нови членки, тоа покажува дека пропустите не се само кај кандидатите, туку и на страната на Европската Унија“

1203

Да се забрза процесот на проширувањето, тој да биде повидлив и стратешки значаен бидејќи Европската Унија нема да биде комплетна без западнобалканските земји, а сега е момент за тоа, е пораката која денеска беше пратена на почетокот на работата на самитот ЕУ – Западен Балкан во црногорскиот приморски град Тиват. На форумот на кој присуствуваат водечките функционери на ЕУ – претседателот на ЕС Антонио Кошта, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, претставниците на западнобалканските земји, како и францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, главна тема е проширувањето со приемот на нови членки и Планот за пораст. Антонио Кошта, кој пристигна на Самитот во Тиват откако претходно ги посети сите земји од регионот, особено го пофали домаќинот на годинашниот самит, Црна Гора, која предничи во процесот на пристапување кон ЕУ.

– Вашиот успех е важен бидејќи покажува дека проширувањето станува реалност. Црна Гора останува посветена на целта до 2028 година да стане членка на ЕУ, а одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват претставува потврда за меѓународниот кредибилитет на земјата и за нејзиниот напредок на европскиот пат – порача Кошта во воведните зборови на самитот.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека ЕУ е во процес на градење поголема стратешка автономија и дека станува побезбедна, поотпорна и посилна, но дека нема да биде комплетна без Западен Балкан.

– Ќе разговараме како да го забрзаме процесот на проширување, да го направиме повидлив и стратешки значаен. Сакам да испратам порака до сите земји од Западен Балкан, а особено до нашиот домаќин Црна Гора, дека постои моментум. Да го претвориме тој моментум во движење, а движењето во членство – Фон дер Лајен.

Впечатокот дека на собирот се случува и своевидна промоција на Црна Гора како една од идните членки на ЕУ се потврдуваше и преку зборовите на црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.

– Овој самит е пресвртница за Црна Гора, за Западен Балкан и за самата Унија, во време кога политиката на проширување повторно доби стратешко значење. Благодарение на сите вас, денешниот состанок носи нова надеж и свежа енергија за сите земји кандидатки, потврдувајќи ја посветеноста на европската перспектива на регионот – рече Милатовиќ на почетокот на своето обраќање.

Почетокот на самитот, кој се одржува под силни безбедносни мерки, претходно го одбележи фанцуско-германски документ во форма на нон-пејпер, насловен како „Нов поттик за проширувањето во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан“. Документот, се чини, претставува разработка на неодамнешната иницијатива на германскиот канцелар Фридрих Мерц и доаѓа во време кога расте незадоволството од бавниот напредок на проширувањето. Во неговата основа е повикот до ЕУ да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати, вклучително и привилегиран пристап до единствениот европски пазар и поголемо учество во европските институции уште пред полноправното членство. Се наведува дека „проширувањето останува една од најпривлечните понуди и највлијателните политички алатки што ги поседува Унијата“.

– Но, на политиката на проширување ѝ е потребен нов поттик. Нашата намера не е ниту да го замени полноправното членство ниту да го продолжи патот до него, туку токму спротивното – да создаде поттикнувања што ќе овозможат побрз напредок по тој пат – се наведува во документот.

Механизам за забрзување на интеграцијата

Според документот, потребно е воведување дополнителни стимулации во процесот заснован на заслуги и постепено поедноставување на сегашната методологија со цел да се овозможи побрза и подлабока интеграција врз основа на Копенхашките критериуми. Франција и Германија предлагаат нов пристап ориентиран кон процесот, со намалување на прекумерно формализираните процедури и спојување на одредени административни чекори. Дополнително, со согласност на земјите членки, би се забрзало отворањето на сите релевантни преговарачки кластери кога тоа ќе го предложи ЕК. Во документот се нагласува дека фокусот на земјите кандидати, ЕК и Советот на ЕУ треба да биде ставен на суштината на реформите, а не на процедурните прашања.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, еден од авторите на „нон-пејперот“, пред почетокот на Самитот упати критики кон процесот на проширување на Европската Унија.

– Ако веќе 13 години не сме примиле нови членки, тоа покажува дека пропустите не се само кај кандидатите, туку и на страната на Европската Унија – изјави Мерц.

Како дел од новата претпристапна стратегија се предлага воспоставување систем на „градежни блокови“ што постепено ќе ги приближуваат земјите кандидати до Унијата. Тие би се надоврзувале на постигнатиот напредок, но би биле и реверзибилни во случај на назадување во реформите или непочитување на основните вредности и принципи на ЕУ. Во документот се нагласува дека целта за полноправно членство останува непроменета и дека предложениот модел не претставува замена за членството, ниту продолжување на патот кон него, туку механизам за забрзување на интеграцијата. Меѓу предложените мерки се: заеднички состаноци на ЕК и членови на ЕП со претставници на земјите од Западен Балкан и Молдавија двапати годишно, почести заеднички парламентарни комитети меѓу ЕП и националните парламенти, учество на земјите кандидати во одредени точки од дневниот ред на неформалните состаноци на ЕС и Советот на ЕУ како набљудувачи без право на глас, учество на состаноците на Советот за надворешни работи по привремено затворање на Поглавје 31, кое се однесува на заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, продлабочена соработка во безбедноста и одбраната, вклучително и учество во проекти на ПЕСКО, засилена соработка со Фронтекс, интеграција во Агенцијата на ЕУ за сајбер-безбедност и системот за рано предупредување за кибернапади. Се предвидува и поголемо учество во програмите на ЕУ, меѓу кои „Креативна Европа“, „Дигитална Европа“, „Еразмус+“, „Хоризонт Европа“, програмите за млади и механизмите за заеднички набавки, секторска интеграција во единствениот пазар преку СЕПА, иницијативата „Роаминг како дома“, Транспортната заедница, енергетскиот пазар, системот за тргување со емисии, единствениот дигитален пазар, како и преку намалување на нетарифните трговски бариери, доделување статус на прогресивен набљудувач на земјите кандидати во институциите на ЕУ, можност за целосно учество на единствениот европски пазар според моделот ЕЕА+ (Европска економска област плус), по усвојување и спроведување на правото на ЕУ во кластерите од 1 до 5 и привремено затворање на соодветните преговарачки поглавја…

Милошоски: Македонија треба позитивно да пристапи кон оваа понуда

Потпретседателот на македонското Собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, вчера, во Охрид, изјави дека предлогот содржан во германско-францускиот „нон-пејпер“ е „искрен и реален“, но дека не нуди целосно полноправно членство.

– Апетитот за нови полноправни членки не е толку голем како пред 13–15 години. Но, од друга страна, не се нуди статус кво, туку фазна интеграција во одредени сектори, зависно од исполнетите стандарди. Македонија треба позитивно да пристапи кон ваквата понуда и да влезе во разговори за постепена интеграција како преоден период кон полноправно членство – нагласи Милошоски.

Предлогот доаѓа во период кога земјите од Западен Балкан сè почесто изразуваат незадоволство од темпото на проширувањето. Особено е нагласено чувството дека процесот е заглавен, додека Украина и Молдавија добиваат забрзан третман поради актуелните геополитички околности. Македонија повеќе од две децении е кандидат за членство, но сè уште не ги започнала суштинските преговори поради спорот со Бугарија. Во меѓувреме, Црна Гора е најнапредната земја кандидат, додека Албанија веќе ги отвори сите преговарачки поглавја и има амбиција да стане членка до 2030 година. Последно проширување на ЕУ се случи во 2013 година кога беше примена Хрватска.

Антонио Кошта, во интервју за „Еуроњус“, рече дека го поддржува поедноставувањето на правилата на ЕУ за прифаќање нови членки, велејќи дека блокот треба да го „забрза“ своето проширување за да им покаже на партнерите од Западен Балкан дека е „сериозен“ во врска со претворањето на нивните амбиции за ЕУ ​​во реалност.

– Моментално треба да гласаме повеќе од 40 пати за да го оствариме целиот процес. Јас лично верувам дека не ни треба едногласност за да отвориме поглавја и групи. Само ни треба едногласност за да затвориме поглавја и групи“, објасни Кошта, осврнувајќи се на 33-те таканаречени „поглавја“ од процесот на пристапување, кои се организирани под шест тематски „групи“.

Кошта додаде дека тие мора да бидат завршени пред кандидатот да може да се приклучи на Унијата и дека „билатералните прашања“ што би можеле да го запрат пристапувањето на една земја треба да се „решат“ меѓу засегнатите земји, со поддршка од институциите, но не и на нивна штета. Тој, исто така, предложи употреба на повеќе „транзициски периоди“ во пристапувањето на земјите кандидатки со цел процесот да биде поефикасен.

Од друга страна, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, не криеше дека за неа Црна Гора е најблиску до приемот.

– ЕУ ги отвора своите врати, кандидатите мора да ги исполнат реформите. Со реформите доаѓаат инвестиции и тоа е првиот дел од денешните разговори. Мора да ги разбереме придобивките од членството бидејќи тоа носи многу корисни работи. Црна Гора е импресивна и постигнува одлични резултати. Продолжете по тој пат и ние сме тука да ве поддржиме. Мислам дека сте блиску до целта – рече Фон дер Лајен, а објави црногорска национална телевизија РТЦГ.

На таа линија беше и францускиот претседател, Емануел Макрон, кој рече дека „Сите сме тука за да ја поддржиме работата на Црна Гора и црногорските власти за да се приклучат кон Еу“. Меѓутоа, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ од Тиват порача дека Црна Гора мора да склучи договор со Заграб за спорните прашања за да стигне до членство

– Првото очекување е обесштетување на затворениците во логорот. Сакаме билатерален договор за тоа – рече Пленковиќ, спомнувајќи ги и имотноправните барања на семејствата од Хрватска, прашањето за спомен-плочата во Мориње, училишниот брод „Јадран“, како и прашањето за границата меѓу двете земји. (Б. Ѓ.)

Мицкоски имал „пријателски и срдечни средби“ со Макрон и Мерц

Како „пријателски и срдечни“ македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, ги оценил одделните средби што ги имал со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар, Фридрих Мерц за ЕУ интеграција, „нон-пејперот“ и иднината на Западен Балкан. Средбите се случија по заедничкиот документ на Германија и Франција, со кој се предлага постепена интеграција и забрзано проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Во објави на социјалните мрежи, Мицкоски информираше дека биле разменети мислења за европските перспективи на регионот.

По средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја е главен автор на „францускиот предлог“, а кон чие исполнување Македонија сè уште не пристапува поради предвидените барања, македонскиот премиер наведе дека разговарале „отворено и директно“.

–Пријателска и срдечна средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговаравме за регионот, за прашањата важни за иднината на нашите граѓани и за европските перспективи – теми на кои работиме долго време. Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка. Продолжуваме посветено и со јасна цел цврсто да чекориме напред – наведе Мицкоски во објавата на социјалните мрежи.

ИЗДВОЕНИ