| Од песна до слобода – вечниот глас на Македонија |
![]()
Античкиот филозоф Тинкторис од третиот век запишал дека целта на музиката е да го восхитува Бога, да го прогонува ѓаволот, да лечи болни и да поттикнува љубов. Македонската народна песна тоа го манифестира на најдобар можен начин. Но, навистина што може песната? Што може да постигне, што може да смени? Зошто толку често се пее? Се пее над новата рожба (приспивните песни), се пее на свадба (свадбени песни), се пее, односно се тажи на погреб (тажачки песни). Се пее на празник, се пее при работа… Народот пее и кога е радосен и кога е тажен! Нашата народна песна вели: „Кој ќе ме чуе да пеам, / тој мисли таги јас немам, / а јас си пеам веселам, / тагите да заборавам“. Може ли тагата да се заборави со песна?
Македонската народна песна пленува со мелодијата, но не помалку и со текстот, со неочекувани поетски решенија, со книжевни вредности што можат да се мерат со најубавите примероци од светската книжевност. Како што запишал Кочо Рацин, кога ние ја слушаме нашата народна песна, таа „и не стигнува до разумот. Таа го погодува срцето, зашто од него и изникнала. Дали пееме кога се радуваме или кога сме тажни? Не може да се одговори на тоа прашање“, вели Рацин. На таа релација е и исказот на К. Миладинов дека „народните песни се показалка на степенот на умственото развитие на народот и огледало на неговиот живот“, за да заклучи дека „народот је секогашен и велик певец“. Блаже Конески објавувајќи ја збирката на македонски народни песни (Скопје 1945) вели: „Сакав антологијава да се чете како книга од еден велик поет“.
Од денешен аспект, гледајќи го целокупното поетско творештво на македонскиот народ, без претерување можеме да речеме дека тоа е вистинско духовно богатство, дека тоа е поетска историја на нашиот народ, дека во него е одразено се она позначајно што му се случило на нашиот народ во изминатите векови.
Покрај тоа што пеел за она што го имал, народот пеел и за она што го немал. Поробениот пеел за слобода („И ние сме деца, на мајката земја/ и ние имаме право да живејме“), сиромавиот за богатство („Сношти сум мајко, сон сонувало, / сон сонувало, јад јадувало,/ дек сме имали куќи високи, / куќи високи, дворови широки“), во услови на патријархално воспитување се пеело за слободна љубов („на сон минае три луди…/ треќото лудо шчо мина, /тој ме на соне целива,/ со мене да се ќердоса“). Кочо Рацин во таа смисла запишал дека „сето она што не можело слободно да се каже, она што требало да се премолчи, сето она што морало да се преживее во себе, го нашло своето место во песната“.
Но како македонскиот народ пеел во време на ропството, во време на борбените дејства кои на овој терен не биле малку? И вреди ли да се пее додека се пука, додека се гине или додека се гние по затворите? Блаже Конески, во еден свој есеј со наслов „Лирата“, пишува: „Некој рекол: ‘Кога говорат топовите, музите молчат’“, и додава: „Сигурно со големо право. Сепак, да видиме“. Натаму истакнува дека „има исклучителни дела што настанале во крвави денови на војни и револуции, токму како длабок израз на своето време“. И наведува повеќе автори што создавале во вакви времиња. Мајаковски, Есењин, Елиот, Шимиќ, Багрицки, Часлав Милош и др.
Македонскиот народ никогаш не паднал со духот. И во најтешките времиња создавал песни и ги пеел на цел глас. Не можеле да го спречат ни забраните ни казните, ни пушките ни топовите. Еден истражувач на природата во Првата светска војна, додека за миг се оттргнал од воените дејства и на ридот над Охрид се одушевувал од езерото што го споредувал со најубавите езера во светот, забележал како младите љубовници се искачуваат приквечер на карпите и таму седат и ги пеат своите меланхолични песни. Луиџи Вилари, италијански новинар, дописник на лондонскиот весник „Месечен гласник“, кој во текот на самото Илинденско востание дошол во Македонија, за на самото место да ги види настаните, забележал: „Судејќи според песните и бучното смеење на овие македонски селани, човек не може да претпостави дека се наоѓа во земја разгорена од востание и црвена од колежи“. Кога името Македонија било забрането, народот го чувал длабоко во срцето и во песните. Англискиот публицист Хенри Ноел Брејлсфирд, кој во Македонија дошол веднаш по Илинденското востание, запишал: „Нивните јуначки песни во кои зборот Македонија се среќава во секој рефрен, докажува дека тие веќе имаат своја татковина“.

Но, кој ги создавал песните? И со која цел? Австрискиот конзул во Битола, Август Крал, во извештајот од 28.08.1903 година забележал дека „многу настани се величаат во песни, народот ги воспева и за тоа особено се грижат учителите што учествуваат во востанието“. А дека тоа било така сведочи и американскиот новинар и публицист, Алберт Сониксен, кој во својата книга „Исповед на еден македонски четник“ пишува: „Македонците ги запишуваат големите настани од својот живот во народните песни, а оној кој ги сочинува тие песни е сигурно некој непознат селски учител“.
Дека запишување народни умотворби во тоа време било опасна работа, најдобро почувствувале тие што се занимавале со тоа. Ј. Ј. Штросмаер, пишувајќи за неговите врски со К. Миладинов и објавувањето на зборникот, претпоставува дека можеби токму тоа било причина за обвинувањето и за смртта на двајцата браќа од Струга, „зашто Грците се гневеа повеќе од самите Турци на тие песни печатени со словенски букви“. К. П. Мисирков, пишувајќи за песните за кралот Марко, вели дека во неговото село слушал вакви песни од слепи гуслари. „Овие песни се пееја при собирање милостиња и во случај да присуствуваат Турци, се заменуваа со духовни стихови“.
Антон Поп Стоилов, во 1903 година, непосредно по атентатите, се нашол во Солун, и турските власти при претресот му нашле едно писмо од некој негов пријател во кое тој му испраќал јазични материјали од Лагадинско, бидејќи тогаш Стоилов собирал материјали за истражување на заровско-височкиот говор. И бидејќи писмото содржело и повеќе зборови со носов изговор (р’нка, м’нка, кр’нг и др.), турските власти се посомневале дека се работи за некаков таен список, го притвориле и цели 84 дена го држеле во строг затвор.
Во предговорот на својата книга „Народни песни од Егејска Македонија“, Паскал Паскалевски сведочи дека „Самото собирање на еден ваков материјал од македонското население на овој крај со оглед на условите во кои тоа живеело и живееше, беше тешка задача. Луѓето се плашеа и беа многу претпазливи. Секоја жена – стара или млада – кога се решаваше да ми даде да запишам некоја песна, претходно ме замолуваше: „Чендо, жити чендо, не ми го пиши името, зер ако се в’рне бурандарите, ќе ме убие ако науче…“
Зборникот на Панчо Михајлов содржи песни запишани главно од источна Македонија, кога тој како комита се движел низ овој регион за време на српската окупација. Запишувачот не ги наведува имињата на информаторите, како што пишува редакторот на зборникот проф. М. Арнаудов, за да не страда населението од српскиот режим кој сурово се пресметувал со народот.
Останале сведоштва за луѓето што пееле додека пукале, пееле пред и за време на борбените дејства. Тоа го сведочат не само наши извори, спомените на наши борци туку и многу странци, дипломати, новинари, патописци и други намерници. Останале сведоштва за некој Спиро Петров, голем песнопоец. Него го запаметиле и Ангел Динев и Ѓорѓи Баждаров, а Христо Силјанов за него вели: „Пееше и за време на борбата, додека еден врашки куршум не му ја прекина и песната и животот“.
Редакторот на најпознатиот дански весник „Националности“, Франц Де Јенсен, кој бил сведок на борбата кај Могила кога загинале Парашкев, Цветков, дедо Андреја и повеќе други борци, забележал дека четниците додека гледале како аскерот ја сардисува куќата во која се наоѓале, знаејќи каква судбина ги очекува, запеале патриотски песни, „чии рефрени ја слават смртта на оние што се жртвуваат за слободата“.
Во тие револуционерни времиња, песната можела да биде и манифестација на отпор, но и моќно оружје против поробувачот. Павел Шатев во своите спомени за Фезан, каде што бил испратен на издржување на казната, сведочи дека во Солун, кога ги воделе кон пристаништето за да ги натоварат на бродовите, 156 затвореници, сите во окови, громогласно пееле револуционерни песни, со што го привлекле вниманието на населението по улиците по кои минувале. Пред управната зграда запеале: „Зората веќе грее/ честа не вика в бој/ за правда кој сака/ да стапи во нашиот строј“. Додека минувале низ чаршијата каде што ги следел многуилјаден народ, пееле: „Не сакаме богатство,/ не сакаме пари,/ туку слобода сакаме/ и човечки правдини“. Натаму Шатев со доза иронија додава: „Не знам дали за да ѝ даде поголемо значење на поворката или за да ја манифестира посилно својата надмоќ, власта по секој отпеан стих одговараше со топовски салви. Тој ден за прв пат по солунските улици се пееја револуционерни песни. Тоа беше првата манифестација какви што подоцна солунските ѕидини ќе видат уште многу“.
Дека песната може да биде и непријатна провокација за окупаторот и да го подигне борбеното расположение на народот пишува и Ѓорче Петров во своите спомени. Тој сведочи дека околу 40 души затвореници на чело со таткото и синот Гавазови од Прилеп биле испратени во синџири. Тие, пак „со бунтовнички песни марширале низ град Прилеп и песните се преземале од народот со јавни псувачки против власта“. Бидејќи ваква манифестација се очекувала и во Битола, затворениците по споредни патчиња биле спроведени во овој град.
Дека песната била користена како оружје против непријателот сведочи и Григор Прличев, кој во својата „Автобиографија“, за песната за укинувањето на Охридската архиепископија вели дека кога го искорнале старото лозје и посадиле ново, според обичајот, работниците ги поканиле на ручек. Тогаш прв пат се испеала песната „Хилјада и седемстотин шестдесет и второ лето“, на која автор е самиот Прличев. „Солзи потекоа од очите на гостите, не толку од вредноста на стиховите колку од страста со која се испеаја. Таа песна ни помогна во искоренувањето на грцизмот многу повеќе од сите наши прежни подвизи“.
И не само тоа, Прличев смета дека народната песна има и силна педагошка функција. Тој вели: „Има мајки кои ги воспитуваат чедата со песни, и наместо да му каже на синот не кради, таа му пее една песна која го одвикнува од крадењето многу посилно од сите доктори на светот“, За песната „Јана и сонцето“ од зборникот на Миладиновци, Прличев вели: „И тука, господо, се крие поучението дека добродетелта повредна е од убавината. Во странската поезија можете ли да сретнете песна толку возвишена, толку богата со поуки? Ние, господо, сме навикнале да ги презираме и селаните. Нив не треба да ги презираме; напротив, тие си имаат премудра учителка која срдечно ги љуби и како мајка ги раководи и тие го познаваат нејзиниот глас и нејзе ѝ се послушни. Нивната учителка се вика народна поезија. Таа е најдобриот педагог на светот“.
Дека песната. орото и свирката можеле да бидат силно оружје во одбрана на националното достоинство сведочи и поп Тома Николов, свештеник и револуционер од кичевскиот крај, роден во селото Вранештица. Тој во своите спомени вели дека на 10-годишна возраст, мајка му првпат го донела во манастирот „Богородица“, попознат како „Пречиста Кичевска“. Иако уште дете, понел силни впечатоци. „Манастирот татнеше од песни и гајди – обичај беше сите селани од селата на празникот да идат со гајди. Само тапан не се удираше, зашто се сметаше дека е турски инструмент. Мајка ми ме заведе право во црквата да запалам свеќа, но ја најдовме црквата затворена – беа ја затвориле за да не дојде и да служи грчкиот владика“. Кога пристигнал владиката, музиката, песните и ората станале побучни, „еден вид мирна демонстрација“. Владиката се обидел да служи во дворот, но никој не му обрнал внимание, „свирењето на гајдите, песните и ората се засилија и никој не му обрна внимание нему и на неговата служба“. Утрото, бидејќи црквата не се отворила, владиката со неговата придружба си заминал од манастирот, по што црквата била отворена и народот свечено го прославил празникот.
Дека песната може да го подигне расположението, да го потхрани оптимизмот и да создаде борбено расположение сведочи и Христо Силјанов, кој опишува една ноќ во Сетинската Планина, каде што востаниците ја минале ноќта во смеа „до наситка“, а биле испеани и многу песни. „При стихот ’Тој што ќе падне в бој за слобода’, воодушевувањето стигна до самозаборав. Во таа минута, секој од нас би пресретнал со радост една изненада од турските потери и би погинал за слободата како вистински херој. ’Би ја пресретнал со презир и би ја победил смртта’ – како што ни беше велел Гоце“.
Милан Матов сведочи дека додека бил во, затворот кога Турците ќе се испијанеле, пукале во подот под кој биле затворениците, а овие, пак, за да не им останат должни, пееле јуначки песни што многу ги дразнело Турците. Чаушот слегувал, тропал со стап по вратата и викал: „Жими вера, сите ќе ве исколам“.
За едно необично користење на песната за време на борбени дејства сведочи во своите спомени и И. С. Матерков, чии спомени ги цитира Кочо Топузовски во неодамна објавената монографија за Питу Гули. Имено, за време на борбите на Мечкин Камен, аскерот и башибозукот, со цел да ги измамат востаниците и да ги извадат од своите позиции, почнале да ја пеат песната „Отвори бело Ленче вратниче“ и да викаат „Ура“. Планот не им успеал.
Колку песната може да биде важна за одржување на духот на народот, може да се види од еден разговор што Петар Манџуков го имал со вујко му, владиката Натанаил. Имено, кога се вратил во Пловдив по престојот во Серско, Драмско, Разлог, Демирхисарско, Зилјаковско и Неврокопско, каде што бил во четата на Гоце Делчев, вујко му го прашал дали таму го паметат Крсненското Востание, дали ја паметат автономна Македонија, на што Манџуков одговорил: „Паметат и ја споменуваат често. Во Горно Броди, Серско, ја пеат песната за Стојан војвода, од селото Старчишта“. На тоа, вујко му ги подигнал веѓите и како за себеси рекол: „Пеат, тоа е добро. Ништо не е загубено штом му се пее песната. Народот не ги заборава своите песни“.
Во таа смисла е и искажувањето на големиот, но недоволно познат музички деец, Јосиф Чешмеџиев, кој вели дека: Ние, Македонците, без песна не можеме. Ние, Македонците, немаме пирамиди и сфинги, нашата татковина не е украсена со материјални паметници, но има нешто кое ниту вековите ниту демонската рака на поробувачите не можеле да го разурнат – тоа е револуционерниот дух на народот и неговата љубов кон татковината излеани во народната песна. И порачува „да ја чуваме и да ја пееме нашата народна песна, зашто е сила и, додека ја чуваме, ќе живее силниот дух на нејзиниот творец – народот“.
![]()
И денес, песната може да биде многу повеќе од обична забава. Таа може да биде силно оружје во афирмацијата на македонскиот национален идентитет, може да има важно место и во едно семакедонско обединување. На времето, нашите иселеници од дијаспората, на Васка Илиева ѝ пишуваа дека нејзините песни повеќе го подигнуваат патриотизмот меѓу нив од сите говори на политичарите, дека таа со песните го храни македонството и кај најмладите всадува љубов кон земјата на нивните родители, дедовци и прадедовци. Таа, пак, гледајќи ја приврзаноста на Македонците кон своите песни, велеше дека со песна ќе ги обединиме Македонците од целиот свет.
Честит празник. За многу години.
(Авторот е универзитетски професор и проучувач на македонскиот фолклор)












