Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави за „Известија“ дека преговорите со САД за решение за Украина се во маѓепсан круг од кој нема излез. Според него, Западот долго време води политика на ограничување на Русија, со крајна цел да ја ослабне и подели.
Лавров тврди дека Западот се обидува да ги оддалечи соседните земји од соработката со Русија и да ги вклучи во, како што ги нарече, опасни геополитички игри. Додаде дека постигнувањето на целите на руската „специјална воена операција“ значително ќе ја зајакне меѓународната позиција на Русија.
Тој потсети дека помина речиси една година од состанокот во Алјаска, каде што беа разгледани американските предлози за решавање на украинската криза. Тврди дека Москва ги прифатила, но оттогаш немало конкретни чекори или притисок врз Киев да ги прифати.
Лавров ја критикуваше и Европската Унија, оценувајќи дека европските држави не се подготвени да поддржат решение што би излегло надвор од нивната контрола и повторно ја обвини Европа за русофобичен пристап кон Русија.
Во однос на односите со САД, рускиот министер изрази подготвеност за нормализација, но нагласи дека досегашните иницијативи и предлози не дале конкретни резултати.
Тој се осврна и на состојбите на Блискиот Исток, оценувајќи дека Вашингтон се соочува со сложена ситуација во односите со Иран, додека Русија поддржува продолжување на дијалогот меѓу двете земји.












