На градската депонија во Демир Капија е поставен видео надзор, со што се воведува дополнителна контрола врз начинот на кој се одлага отпадот, информираат од Ј.К.П. „Бошава“.
Видео системот го поставила фирмата „Кабтел“, избрана преку постапка за јавна набавка, а неговата примена треба да овозможи подобар увид во состојбата на депонијата и навремено регистрирање на несоодветно одлагање на отпад.

Од комуналното претпријатие посочуваат дека поставувањето на надзорни камери нема да се ограничи само на депонијата. Во наредниот период видео надзор е предвиден и на други значајни локации во општината, меѓу кои бунарите и резервоарите што се дел од системот за снабдување со вода за пиење.
Една од целите на мерката е да се намали ризикот од пожари на депонијата, но и да се спречат случаи на неконтролирано или несоодветно фрлање отпад. Воедно, надзорот треба да придонесе кон поголема заштита на инфраструктурата за водоснабдување и животната средина.

Од Ј.К.П. „Бошава“ потсетуваат дека одлагањето отпад на депонијата мора претходно да биде најавено. Лицата кои ќе се обидат да одложат отпад без претходна најава ќе подлежат на санкции согласно важечките законски прописи.
Преку снимките од видео надзорот ќе се евидентираат и евентуалните случаи на неправилно одлагање, по што надлежните ќе постапуваат во согласност со закон.












