Не сум сигурен дали возрасниот критериум за пливање на Охридскиот маратон е 18 години бидејќи знаеме дека Александар Маленко го исплива на 14-годишна возраст, така што може да очекувате да го испливам Охридскиот маратон пред да наполнам 18 години, вели Кутаноски

Кога дете од 12 години ќе направи голем спортски подвиг и тоа не еднаш, туку двапати, со сигурност може да се каже дека му претстои блескава спортска кариера.

Таков е случајот со стружанецот Јован Кутаноски, кој на празникот Успение на Пресвета Богородица исплива 16,5 километри во водите на Охридското Езеро. Јован, кој е и член на клубот за триатлон и пливање „3 Дисциплини“ од Струга, ја исплива делницата Струга – Радожда – Струга за шест часа и 30 минути. Во исто време, тој е и актуелен шампион во триатлон и дуатлон во својата возрасна категорија, а во разговор за весникот ВЕЧЕР, откри од каде потекнува желбата за остварување на овој спортски подвиг, како и за неговите идни планови поврзани со пливањето и триатлонот.

Јован, од каде желбата ти, како 12-годишник, да направиш ваков подвиг во водите на Охридското Езеро, и тоа не еднаш, туку двапати?

Отсекогаш сум го сакал пливањето, а Охридското Езеро ми е посебно. Кога првпат ја испливав делницата Струга – Радожда ми беше многу интересно и сакав повторно да си докажам дека можам, но овој пат Радожда – Струга – Радожда. Веќе знаев што ме очекува и сакав да бидам уште подобар. На моја покана дојдоа и клупските другарчиња кои на смени пливаа со мене.

Велат дека е голема веројатноста нешто што се случило двапати да се случи и третпат. Дали планираш и следната година да ја пливаш делницата Радожда – Струга – Радожда или, можеби, ќе нè изненадиш со нешто многу поголемо?

Би сакал и следната година да ја пливам. Веќе ми стана традиција. Ама сакам и да се обидам нешто ново и потешко, па можеби ќе ве изненадам со некој поголем предизвик.

Може ли да ни откриеш од каде љубовта кон триатлонот и колку бара тој напорна работа за остварување резултати какви што имаш ти на натпреварите, во твојата возрасна категорија?

Тренирам откако знам за себе. Триатлонот ми се допаѓа затоа што има три дисциплини – пливање, велосипед и трчање. Така, секогаш имам нешто да тренирам и никогаш не ми е досадно. Љубовта ја наследив од мојот татко кој е исто така поранешен маратонски пливач и сè уште актуелен триатлонец.

За добри резултати треба многу да се тренира. Некогаш е тешко и си уморен, ама кога ќе видиш дека трудот ти се исплател на натпревар, тогаш забораваш на сè. Мене најмногу ме мотивира кога ќе видам дека сум подобар од претходно.

Дали пливањето на Охридскиот маратон ти е предизвик и дали планираш да настапиш на оваа манифестација кога ќе го исполниш возрасниот критериум од минимум 18 години?

Не сум сигурен дали возрасниот критериум е 18 години бидејќи знаеме дека Александар Маленко го препива на 14-годишна возраст, така што очекувајте да го испливам Охридскиот маратон пред да наполнам 18 години.

Може ли да ни откриеш барем дел од твоите идни планови, каде ќе настапиш и дали имаш идол што те инспирира и сакаш да бидеш како него, па дури и подобар?

Планирам да продолжам да се натпреварувам во пливање и триатлон и да одам на што повеќе натпревари. Сакам да имам добри резултати и да настапувам на уште поголеми меѓународни, европски и светски натпревари.

Имам спортисти што ги следам и од кои се инспирирам, но најмногу ме мотивираат моите родители и посебно мојот татко, кој е и мој тренер. Тие секогаш ме поддржуваат и ми велат да не се откажувам.

Не сакам само да бидам како некој друг. Сакам да тренирам и еден ден да бидам најдобрата верзија од себе. (С. Т)

ИЗДВОЕНИ