вторник, јуни 16, 2026
Дома КУЛТУРА Како ќе изгледа „Пиета во прекривките на ургентноста“ во македонскиот павилјон во...

Како ќе изгледа „Пиета во прекривките на ургентноста“ во македонскиот павилјон во Венеција?

72

Во Венеција денoвиве заминуваат уметникот Велимир Жерновски и тимот од Музејот на современата уметност – Скопје, кои го организираат македонското претставување на престижното 61. Биенале за уметност. Тие веднаш ќе почнат со поставувањето на монументалната инсталација „Дали моите очи ќе бидат затворени или отворени?“, која е дел од проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“, на кураторите Тихомир Топузовски од МСУ и Аманда Буткез од Канада.

Македонскиот павилјон се наоѓа на локацијата „Спацио Кастело 77“, на влезот во престижното Арсенале. Комесар на нашиот проект е Авни Ќаили, директор на МСУ. Венециското биенале е најстарата ликовна манифестација во светот и ќе трае повеќе од шест месеци – од 9 мај до 22 ноември 2026 година.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претходно се сретна со уметникот Жерновски и со кураторот Топузовски, при што разменија мислења за концептот и подготовките на македонскиот павилјон и за уметничкото решение со кое ќе се претстави Македонија пред меѓународната публика, на настанот што со децении ја возбудува светската културна сцена и јавност.

– Се согласивме околу насушната потреба од континуирана институционална поддршка на уметноста и на културата, како и за важноста на македонското учество на Биеналето во Венеција, како исклучителна можност за достојно претставување и афирмација на нашиот творечки потенцијал – посочи Сиљановска-Давкова.

Според Жерновски, Венециското биенале е исклучително голем настан, еден од најголемите посветени на уметноста воопшто.

– Чест е, но и голема обврска, бидејќи не станува збор само за лично претставување туку и за претставување на државата – рече тој.

Во своето монументално дело ја обвиткува препознатливата „Пиета“ со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм (мајлар – повеќеслојна тенка рефлектирачка фолија, обложена со алуминиум), материјал првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлектирачки и ја задржуваат телесната топлина. Но, во овој случај, служи за авторот повторно да ја облече „Пиета“ за да создаде нови значења.

Велимир Жерновски

– Делото поставува прашања поттикнати од размислувањата од онтолошка призма. Што е она што нè тера да продолжиме, да станеме, да застанеме? Сите размисли околу овие прашања завршуваат со феноменот на љубовта. Каде ја наоѓаме таа силна нишка што нè води да опстанеме. Особено во овие злокобни времиња, кога повторно светот најавува пламена иднина. Не во човековите достигнувања, веќе во насока кон тотална деструкција – вели Жерновски.

Тихомир Топузовски објаснува дека во кураторскиот пристап прво е концептуализирана темата, која се однесува на разобличувањето на фигурацијата на „Пиета“, во која универзалната фигура на Човекот, произлезена од дискурсите на хуманизмот, монотеистичките религии и историските метанаративи, станува децентрирана и обезформена. Преку употребата на прекривки, кои со метализиран сјај ја покриваат површината на „Пиета“, формите се обезличуваат, преминувајќи во нов спектар на облици, надвор од големите наративи што ги одредуваат историските значења.

Тихомир Топузовски

– Подеднакво беше значајна материјалната симболика на прекривката, од материјал првично создаден за вселенски мисии, кои денес функционираат како визуелни маркери на жртвите на глобалната нееднаквост, конфликтите, страдањата, уништените живеалишта. Така, делото иницира нераскинливи релации со актуелните кризни состојби на ургентност. Преку оваа поетика на прекривање и преобразба, проектот гради нови етички рамки за сочувство со минорните, поединци и групи, кои се во постојана несигурност и егзил, мутирачка телесност и друга симболична присутност – вели Топузовски.

Според Аманда Буткез, проектот ги поканува посетителите да размислат како се реконфигурираат субјективитетите и односите од бројните итни состојби на нашето време. Жерновски поставува предизвик за секој од нас.

– Тој нè повикува да размислиме за неговото прашање: дали ќе бидат затворени или отворени моите очи? Можеме ли да видиме излез од нашите историски односи кон посветла иднина или тие можности ќе останат скриени? – вели таа.

Аманда Буткез

Буткез објаснува дека, кураторски, не размислувале само за буквалната материјалност на ургентните покривки туку и за начинот на кој нашите социјални, политички и еколошки односи се естетски „текстурирани“: како се доживуваме едни со други преку сензации и појави.

– Сепак, ургентните прекривки претставуваат дилема: додека нè штитат од надворешните влијанија, тие нè изолираат од нив. Нè зачувуваат од силите што ни ги загрозуваат животите, телата и точките на контакт со другите. Но, истовремено нè држат во ограничувањата на историската материјална состојба. Како можеме да се промениме однатре, во нивните набори? – објаснува таа.

Според комесарот на изложбата, Ќаили, претставувањето во Венеција оди според предвидената динамика. – Енергијата е одлична и имаме навистина високи очекувања – вели тој.

Венециското биеналето веќе 130 години е една од најпрестижните културни институции во светот. Тема на главната изложба е „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), а куратор е Којо Куох, која почина пред една година. Биеналето одлучило да ја реализира нејзината изложба како што ја замислила и дефинирала таа, од тимот што таа сама го избрала. На изложбата ќе се претстават 110 уметници од целиот свет, а ќе биде придружена со 100 национални претставувања и со 31 дополнителен настан.

ИЗДВОЕНИ