Економиите во Западен Балкан се соочуваат со забавен пораст како резултат на глобалната неизвесност, геополитичките тензии и постојаната инфлација. Според Светска банка, недостигот на работна сила и демографските промени дополнително го усложнуваат економскиот развој на регионот. Институцијата предупредува дека без посериозни структурни реформи и поголема активност на пазарот на труд, долгорочните перспективи ќе останат ограничени

Економскиот пораст на Македонија и на земјите од Западен Балкан ќе продолжи да забавува во наредните две години, предупредува Светската банка во најновиот редовен економски извештај за регионот. Според проекциите, порастот ќе биде под влијание на зголемената глобална неизвесност, геополитичките тензии и упорната инфлација, што дополнително го усложнува економското закрепнување.

Во извештајот се наведува дека економиите на Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија – во просек ќе остварат пораст од 2,8 проценти во 2026 година, што претставува намалување од 0,3 процентни поени во однос на претходните прогнози. За 2027 година се очекува умерено закрепнување со пораст од 3,2 проценти.

– Глобалната неизвесност и геополитичките тензии го попречуваат порастот во Западен Балкан, а зголеменитe цени директно ги погодуваат паричниците на граѓаните. Иако владите применуваат краткорочни мерки за ублажување на економските притисоци, клучот за долгорочен напредок лежи во отворањето нови работни места и поголема вклученост на населението во пазарот на труд – изјави Шиаочинг Ју.

Извештајот алармира дека регионот се соочува со сериозен демографски предизвик. Населението старее со забрзано темпо, а во следната деценија се очекува најмалку 20 проценти од граѓаните да бидат постари од 65 години. Во исто време, значителен дел од работоспособното население, вклучително и високообразовани кадри, ја напуштаат земјата во потрага по подобри услови за живот и работа.

– Парадоксално, и покрај ваквите трендови, недостигот на работна сила станува сè поизразен во клучните економски сектори, додека дел од населението останува невработено или се повлекува од активното барање работа. Како што се наведува, регионот располага со значителен неискористен потенцијал, особено кај жените и младите. Доколку стапките на учество на работната сила се изедначат со оние во споредливи земји од Европската Унија, би можеле да се активираат повеќе од 2,8 милиони дополнителни работници. Само зголеменото учество на жените на пазарот на трудот би можело да придонесе за пораст од околу 0,35 процентни поени годишно – се нотира меѓу другото во извештајот.

Светска банка препорачува сериозни структурни реформи со цел работата да стане поатрактивна опција за граѓаните. Меѓу клучните предизвици се даночните политики и системот на социјални бенефиции, кои во многу случаи создаваат дестимул за вработување. Во дел од земјите, пријавувањето на дури и минимален приход може да значи губење на социјалната помош, што го прави вработувањето финансиски ризично.

Дополнително, извештајот ја нагласува потребата од подобра инфраструктура за грижа за деца и стари лица, како и унапредување на системите за обука и преквалификација. Особен акцент се става и на создавање поквалитетни работни места со флексибилни услови, што би ги задржале работниците во регионот и би ја зголемиле продуктивноста.

Ќе има најголемо зголемување на цените на енергијата во последните четири години!

Цените на енергијата ќе забележат значителен пораст во текот на 2026 година, предупредува Светска банка во најновиот извештај за перспективите на пазарите на стоки. Според прогнозите, се очекува цените на енергијата да се зголемат за 24 проценти, што претставува највисоко ниво од Руската инвазија на Украина наваму.

Главен двигател на порастот е ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток, особено во контекст на војната против Иран, која предизвикува сериозни потреси на глобалните пазари на суровини. Овие геополитички тензии веќе се рефлектираат врз цените на нафтата, гасот и другите енергетски ресурси.

Во извештајот се наведува дека вкупните цени на стоките ќе пораснат за 16 проценти во 2026 година, поттикнати не само од енергентите, туку и од порастот на цените на ѓубривата, како и од рекордно високите вредности на одредени индустриски метали.

Според анализите на Светска банка, просечната цена на суровата нафта од типот „брент“ ќе достигне 86 долари за барел во 2026 година, што е значително зголемување во споредба со 69 долари во 2025 година. Ова сценарио се базира на претпоставката дека најсериозните прекини во транспортот ќе се стабилизираат до средината на годината, а трговијата преку Хормускиот Проток постепено ќе се нормализира до крајот на 2026 година.

Сепак, тековните случувања укажуваат на сериозни ризици. Нападите врз енергетската инфраструктура и прекините во превозот низ Хормускиот Проток, преку кој се транспортира околу 35 проценти од глобалната поморска трговија со сурова нафта, предизвикаа значителен шок во снабдувањето. Според процените, глобалното снабдување со нафта првично било намалено за дури 10 милиони барели дневно. Ваквите движења може да имаат пошироки последици врз инфлацијата и економскиот раст на глобално ниво, особено во земјите увозници на енергија, кои ќе се соочат со зголемени трошоци и дополнителен притисок врз домашните економии.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ