вторник, јуни 16, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Божиновска на јубилејот на ЕВН повика на одговорен приватен сектор и цврсти...

Божиновска на јубилејот на ЕВН повика на одговорен приватен сектор и цврсти институции

67

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска испрати јасна и недвосмислена порака: економскиот развој и енергетската стабилност не се резултат на поединечни напори, туку на вистинско, функционално партнерство меѓу државата и приватниот сектор.

На одбележувањето на 20 години од работењето на ЕВН Македонија и промоцијата на „Белата книга“, Божиновска нагласи дека успехот на една компанија не може да се гледа изолирано, туку како дел од поширок систем во кој се преплетуваат јавниот интерес, инвестициите и развојот на општеството.

– Ова не е само јубилеј на една компанија. Ова е доказ дека кога има визија, посветеност и заедничка цел – резултатите се долгорочни и видливи. Развојот не може да биде едностран. Ниту државата може без силен приватен сектор, ниту бизнисот може да расте во средина што стагнира – истакна министерката.

Таа потенцираше дека вистинската вредност на компаниите се мери преку нивниот придонес кон економијата и квалитетот на живот на граѓаните.

– Колку повеќе расте економската моќ на граѓаните, толку повеќе расте и потенцијалот за инвестиции и бизнис. Тоа е меѓусебна зависност. Не може едното без другото – рече Божиновска.

Во своето обраќање, министерката посебно се осврна на улогата на приватниот сектор како двигател на иновации, модернизација и технолошки напредок, нагласувајќи дека инвестициите во енергетската инфраструктура и новите решенија не ја трансформираат само компанијата, туку ја придвижуваат целата економија.

Истовремено, Божиновска ја нагласи и клучната улога на државата.

– Нашата задача како институција е јасна – да создадеме стабилен, предвидлив и фер систем. Систем во кој граѓаните се заштитени, пазарот е регулиран, а компаниите имаат сигурност и јасни правила за инвестирање. Закони мора да има – но уште поважно, тие мора да се почитуваат – подвлече таа.

Министерката предупреди дека без доверба нема инвестиции, а без инвестиции нема развој, особено во сектор како енергетиката, кој бара долгорочно планирање и сериозен пристап.

– Енергетиката не трпи импровизации. Таа бара одговорност, партнерства и визија. Затоа ни е потребен приватен сектор кој не само што инвестира, туку создава вредност – и институции кои тоа ќе го овозможат – изјави Божиновска.

Осврнувајќи се на „Белата книга“, таа ја оцени како значаен документ што ја отсликува досегашната соработка, но и поставува јасен правец за иднината.

– Овој документ е огледало на едно партнерство, но и патоказ. Покажува дека кога знаењето, капиталот и институциите се усогласени – резултатите не изостануваат – нагласи министерката.

Божиновска упати повик за продолжување на ваквиот модел на соработка, потенцирајќи дека само преку реални, мерливи и одржливи партнерства може да се изгради енергетски стабилна, економски силна и просперитетна држава.

– Да продолжиме да работиме заедно – затоа што тоа не е избор, туку предуслов за напредок – порача министерката Сања Божиновска.

ИЗДВОЕНИ