Авторот на навистина големиот хит „Македонско девојче“, во изведба на Виолета Томовска, по кој се препознава и државата Македонија низ светот, славниот Јонче Христовски, најпосле, по многу иницијативи, конечно, си го доби долго најавуваниот споменик во својот роден град, Битола. Инаку, споменикот свечено ќе биде откриен на Денот на ослободувањето на Градот на Конзулите, сега на 4 ноември.
Скулптурата со ликот на Христовски се наоѓа на самиот влез во Чаршијата, во непосредна близина на препознатливиот дрвен мост на реката Драгор. Мостот е познат меѓу битолчани и како Мостот на вљубените. Проектот во чест на пејачот, текстописец и композитор се реализира со поддршка и документација од Општината.
Со ова спомен-обележје, Битола и Македонија ѝ се оддолжуваат на својата исклучително почитувана музичка легенда, која ја паметиме и по песните: „Едно име имаме“, „Ако умрам ил загинам“, „Коце берберот“, „Животе мој“, „Ој Вардаре македонски“, „Куќа имам на Пелистер“, „Зајко кукурајко“, „Ај засвирете ми чалгии“… (Д. М.)












