Американската воена разузнавачка агенција објави нова, впечатлива фотографија од мистериозно кинеско вселенско летало, на која се гледа како тоа е споено со друго вселенско летало во орбитата.
Фотографијата е направена во 2024 година од сателитот „WorldView-3“, со кој управува компанијата „Vantor“, од растојание од 90 километри. Иако набљудувачите од Земјата претходно го фотографирале „Шенлонг“ (*Shenlong*) додека бил во орбитата, оваа нова слика од „Vantor“ – направена од вселената – открива нови детали за мистериозното летало со исклучителна јасност, при резолуција од 4,5 сантиметри по пиксел.
Фотографијата е вклучена во нов извештај на Агенцијата за одбранбено разузнавање на САД (DIA), во кој се проценува опсегот и обемот на заканите од противниците во вселената, пренесува *Space*. На фотографијата се гледа роботското вселенско летало „Шенлонг“ споено со друг сателит, чии соларни панели се отворени. Сè уште не е познато за кој сателит станува збор. На сликата се гледаат и отворените врати на товарниот простор на „Шенлонг“.
Овие врати би можеле да дадат индиции за тоа што прави „Шенлонг“ за време на својата четврта мисија, која започна во февруари 2026 година.
Кинеската вселенска агенција изјави само дека „Шенлонг“ се користи за тестирање технологии кои ќе „го отворат патот за попрактични и подостапни методи за вселенски летови со враќање, за мирно користење на вселената во иднина“.
„Шенлонг“ во неколку наврати испуштал објекти во орбитата.
Сепак, набљудувачите забележале дека „Шенлонг“ испушта и други објекти додека е во орбитата. На пример, во јуни 2026 година, американската компанија за вселенско разузнавање „LeoLabs“ објави дека детектирала нов објект во близина на вселенското летало.
„По дополнителни набљудувања преку нашата глобална мрежа и анализа со користење на системот ’LeoLabs Delta‘, независно го каталогизиравме овој објект и проценивме, со висок степен на сигурност, дека тој е испуштен од кинеското вселенско летало. Оваа активност е во согласност со распоредувањето на помали сателити, што вселенското летало го вршело и за време на претходните мисии“, соопштија тогаш од компанијата. Сличен настан беше забележан за време на третата мисија на „Шенлонг“ (Shenlong), која заврши во 2024 година. За време на втората мисија во 2023 година, вселенското летало исто така испушти објект; можно е да станувало збор за таканаречени операции на приближување и средба во орбитата – маневри при кои две вселенски летала дејствуваат во непосредна близина едно до друго.
Друга можност е леталото едноставно да се ослободувало од непотребна опрема пред слетувањето.
Како што е случајот со повеќето воени вселенски програми, многу малку детали за активностите на „Шенлонг“ се достапни за јавноста.
Соединетите Држави, исто така, управуваат со мистериозно роботско вселенско летало, X-37B – произведено од „Боинг“ (Boeing) – и ретко објавуваат конкретни информации за неговите можности или мисии.
Во февруари 2025 година, Вселенските сили на САД ја објавија првата фотографија од X-37B во вселената, овозможувајќи редок увид во неговите операции.
На сликата, вселенското летало се наоѓа во висока орбита околу Земјата, при што вратите на одделот за товар изгледаат отворени.
View this post on Instagram
Во 2023 година, Вселенските сили исто така ја објавија својата прва официјална илустрација, на која е прикажано вселенско летало слично на X-37B како пресретнува друг сателит во орбитата над Земјата.












