Секогаш постои можност за духовна трансформација и регенерација, само треба ментално да се разбудиме и да почнеме да се движиме кон хармоничната патека, бидејќи најстрашни се апатијата, пасивноста и статус кво ситуацијата.

Впрочем, секоја статус кво ситуација создава одредено уназадување и стагнирање, бидејќи ги губиме потенцијалите, ни опаѓа силата и стануваме подложни на неизвесност, страв и несигурност. Апатијата, недостигот на самодоверба и стравот од иднината многу лесно може да нè доведат пред некој пораз, без разлика дали се работи за разочарување во љубовта, напуштање од блиска личност, финансиски тешкотии, губење на работното место, а, можеби, и здравствен проблем. Животни ситуации во кои ние чувствуваме одредено дно, криза и општа несигурност. Но, доколку не се предадеме, не иницираме малодушност и не преминеме во фаза на песимизам и депресија, туку врз основа на менталниот капацитет, духовната сила и решителната волја веруваме во сопствените вредности, се трудиме и се бориме против искушенијата, тогаш лесно може да го претвориме поразот во победа.

Со такви животни ситуации се соочила и една од најбогатите жени во светот, Џоу Кунфен, која сама го создала богатството. Таа е основач на компанијата за производство екрани на допир „Ленс технолоџи“, чии најголеми клиенти се „Епл“ и „Самсунг“. Џоу пораснала во мало село во Хунан, во Централна Кина. Нејзината мајка починала кога имала само пет години, а нејзиниот татко бил тешко повреден во несреќа. Пред да се пресели во Шенжен, каде што работела во тешки услови во фабрика за производство на стакло за часовници, таа помагала во семејството во одгледувањето свињи и патки за да се прехранат. По унапредувањето, Кунфен заштедила 3.000 долари и одлучила да почне сопствен бизнис, односно производство на стакло со висок квалитет. Бизнисот се развивал и денес во нејзината компанија се вработени повеќе од 75.000 луѓе. Поуката е дека сè се случува со причина, така што на нас останува да проникнеме во скриениот ред на нештата и да ги искористиме предиспозициите. Кај Џоу Кунфен, тие се наоѓале во искуството што го стекнала во фабриката за производство на стакло за часовници, кое ѝ ја отворило вратата кон започнување сопствен бизнис. Лошите услови во кои живеела, соочувањето со маките и страдањата, само ѝ го зајакнале духот и го разбудиле силниот порив во неа – за напредок; за реализација на идеите; за пласирање оригинален производ на пазарот и за успех во бизнисот. Таа сфатила дека ограничувањата и тешкотиите, било да се од лична, семејна, професионална или од некоја друга природа, се основа за личен развој и за будење на свеста за вистинските вредности на животот.

Како и каде може да ја пронајдеме иницијалната каписла за постигнување успех и напредок во животот?

Во чувството дека кризата не е фиксна, непроменлива и вечна и дека не е зададена да трае во текот на целиот наш живот! Напротив, со сфаќањето дека сме на дното и дека навидум нема каде, но и со воспоставувањето силна волја и оптимистички дух, нужно ќе се подигнеме на енергетски план и ќе тргнеме напред. Тоа ќе ни помогне да постигнеме повисоки дела и што е најважно, да ја почувствуваме вредноста на борбата, надежта и на вербата во животот. Примерот со Хелен Келер и со нејзините верба, борба и надеж во остварувањето на својата животна мисија е величествен показател дека и најтешките физички ограничувања не смеат да нè оддалечат од  смислата, борбата и од позитивните вредности на постоењето.

По наполнети 19 месеци од животот, таа заболела од акутен менингитис на мозокот, болест што ја отсекла од светот и ја оставила глува, слепа и нема, прекинувајќи ги сите дотогашни нишки што ја поврзувале со најблиските и со околината. Единствената врска со светот што ја опкружувал било сетилото за мирис, вкус и за допир. Но, и покрај тие физички недостатоци, Хелен Келер, со несебична помош на својата учителка и менторка Ен Саливен, станала позната и учена жена, која напишала седум прекрасни дела, научила англиски, германски и француски јазик и докторирала филозофија на колеџот „Редклиф“. Успехот го постигнала бидејќи не се откажувала кога ѝ било најтешко, туку, како што напишала самата: „Се губам себеси, паѓам, но станувам. Со тешка мака продолжувам понатаму, но одам напред. Со секој ден, станувам посилна и сè повеќе се искачувам. Го здогледувам и осознавам широкиот хоризонт на животот. Секоја борба е победа!“

Со своите активизам и оптимизам, Келер прикажала дека тешките удари на судбината не смеат да нè спречат да создаваме, да твориме и да итаме кон остварувањето на своите креативни и духовни потенцијали. Напротив, волјата и смислата мора да се пронајдат – тие да ни бидат светилникот што ќе ни го осветлува патот и ќе нè одведе кон хармоничната патека на животот. Зашто, според зборовите на Хелен Келер: „Самотијата и жалењето се нашите најголеми напријатели; ако им се предадеме, никогаш нема да направиме нешто мудро на овој свет“. Нејзиното бегство од „затворот“, како што самата ја нарекува својата хендикепиреност, претставува величествена победа на духот, упорноста, оптимизмот и на позитивната енергија.

Многу луѓе биле пред границата да се откажат, притоа поставувајќи си ги прашањата: дали да продолжам да се движам напред, дали вреди и понатаму да се борам, дали треба да дозволам неволјите да ми доминираат и остават на тоа ниво? Не! Зашто победниците се создаваат според непоколебливоста на волјата и подготвеноста да ги примаат и трпат ударите, без притоа да се откажат од своите цел и визија. Тие вкусиле страдање, се соочиле со болка, ја осознале темнината и тргнале кон светлината.

Секогаш кога имаме волја, кога имаме дух и кога имаме кон што да се стремиме, не може, а да не успееме.

Од друга страна, секогаш кога нè завладува одредено чувство на депресија, меланхолија, апатија и бездушност, со впечаток дека се пропаднати сите шанси да се поправат или да се подобрат нештата, тогаш нужно ја губиме волјата и им подлегнуваме на немирот, на малодушноста и на песимизмот. Значи, секогаш постои шанса, секогаш постои можност, но само доколку сфати човек дека искуствата произлегуваат и од соочувањата со темнината. Осознавајќи го темното, ние имаме потенцијал да ги вреднуваме и да ги почувствуваме светлото и хармоничното. Но, многумина не се подготвени вистински да се соочат со тешкотиите и страдањата, така што во секоја пригода се обидуваат да ги избегнат или потиснат. Некои други, пак, не сакаат да ја видат темнината, бидејќи мислат дека вечно ќе биде присутна светлината. Тие сметаат дека постојано ќе се искачуваат кон врвот, без притоа да водат сметка за другите и за вредноста на постоењето. Многу од таквите поединци опсесивно трчаат по материјалното, итаат кон телесното и водени од егото, форсираат ситуации и односи кои еден ден нужно ќе ги соочат со пад, болка и со немир. И сето тоа бидејќи не ја следеле космичката законитост што вели: Секој што е долу, треба да се подготви за искачување горе, исто како што секој што е горе, треба да биде подготвен и за спуштање долу. Но, секој што паднал долу, секогаш има шанса повторно да се искачи горе.

Бог и космосот им помагаат на оние што веруваат, што вложуваат и што позитивно дејствуваат според мисијата и визијата на своето постоење.

ИЗДВОЕНИ