За многу лица со попреченост, одењето до лекар, банка или до некоја јавна институција не е секојдневна обврска, туку предизвик за кој им е потребна помош од друго лице. Дел од нив немаат лични асистенти, а особено тешко им е на оние што живеат сами, без родители или блиски членови на семејството, кои би можеле да им помогнат да излезат од дома. Таква е реалноста и за Роза Мојсовска од Струмица, која вели дека многу луѓе што го поминуваат животот во инвалидска количка се соочуваат со истите проблеми како неа. Таа црта со уста, вештина со која почнала да се занимава додека се лекувала во Белград, каде што, како млада, имала седум операции, меѓу кои и операции на рацете.
– Многумина како нас немаат асистенти. Знам и многу возрасни како мене чии родители починале и немаат со кого да излезат од дома. Почнав да цртам додека се лекував во Белград. Како млада, таму ми направија седум операции, таму и рацете ми ги оперираа. Многу се срамев да дознаат луѓето дека цртам со уста – раскажува Мојсовска, која денеска е горда на своите уметнички дела и има самостојна изложба.

Личните асистенти, кои во одредени градови ги обезбедуваат невладините организации и Црвениот крст, им помагаат на лицата со попреченост што живеат сами во извршувањето на секојдневните активности. Доаѓаат во нивните домови по неколку часа и им помагаат со личната хигиена, домашните обврски, но и при одењето до банка, лекар или на други места. Но, потребата од помош не е единствениот проблем. Дури и кога ќе успее да стигне до институцијата, лицето често се соочува со физички и со организациски бариери поради кои не може самостојно да ја заврши работата.
Колку се непристапни институциите, покажуваат и првичните резултати од мапирањето што го спроведува Фондацијата „Импакт нет“ од Велес. Од 20 институции што одговориле на прашалникот, 42,9 отсто немаат пристапен тоалет за лицата со попреченост, додека 57 отсто немаат лифт за пристап до услугите на повисоките катови. Дополнително, 43 отсто немаат предвидено буџет за подобрување на пристапноста, а 58 отсто немаат план за пристапност. Кај 72 отсто нема обучен кадар за помош и поддршка на лицата со оштетен вид. Ниту една од институциите што одговориле нема информации на Брајово писмо.
Особено загрижува што не е сведена пристапноста само на физичкиот влез во објектите. Дури и ако успее да влезе некое лице во институцијата, тоа не значи дека може да стигне до шалтерот, да ги користи санитарните простории или да добие информации во формат што може да го разбере и да го користи.
Во Македонија, според податоците наведени во рамките на иницијативата, има околу 94.000 лица со одредена попреченост или хендикеп, повеќе од 2.000 лица со оштетен вид и над 6.000 со оштетен слух. Пристапноста, според невладината, не е прашање што засега мал број граѓани, туку услов за еднакво учество во општеството.

Државата ја има потпишано Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, со која се преземени обврски за обезбедување пристапност и еднакво остварување на правата. Но, реалноста покажува дека сè уште постои голем јаз меѓу преземените обврски и секојдневното искуство на граѓаните. Токму со цел да станат видливи овие бариери, Фондацијата „Импакт нет“ ја промовираше дигиталната алатка „Open Doors Institutions 4 ALL“, интегрирана во мобилната апликација „Грин мап“, во рамките на иницијативата „Диџитал грин ексес“. Преку апликацијата, се мапира пристапноста на локалните и на државните институции, а граѓаните можат да добијат информации за условите во објектите пред да се упатат таму. Досега се идентификувани 80 институции, кои се повикани самостојно да ја проценат својата пристапност преку јавно достапен прашалник. Паралелно, проектниот тим спроведува сопствено мапирање во четири категории.
– Целта на проектот е преку дигитално мапирање да се утврдат бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост и да се поттикнат институциите да преземат конкретни мерки за подобрување на пристапноста – вели Александра Димитриоска, координаторка на проектот.
Во проектот се вклучени и ученици од четирите средни училишта во Велес, со цел преку дигиталното мапирање и граѓанското учество да придонесат за поинклузивна локална демократија. Од Фондацијата апелираат да се вклучат институциите во процесот на самопроцена, да ги утврдат недостатоците и да предвидат средства за нивно отстранување. Пораката на иницијативата е дека пристапноста не е привилегија, туку основно човеково и граѓанско право и не смее да зависи од добрата волја на поединци. (П. А.)












