Кина планира да ја спроведе својата прва мисија со екипаж на Месечината пред 2030 година, при што се очекува двајца од тројцата астронаути да слетаат на површината на Месечината. Ова беше објавено во саботата на 7-миот Симпозиум за вселенски летови со екипаж, одржан во Пекинг.
Ванг Сјанг, заменик-главен дизајнер на кинеската програма за вселенски летови со екипаж и главен дизајнер на програмата за истражување на Месечината, изјави дека екипажот за првата кинеска мисија ќе се состои од тројца астронаути, од кои двајца ќе останат на површината на Месечината, пренесува „Глобал тајмс“.
Мисијата ќе се потпира на постапка за средба и спојување (докинг) во орбитата околу Месечината, при што ќе се користат две носечки ракети „Долг марш-10“.
Според планираното сценарио, првата ракета ќе испрати лунарен модул во орбитата околу Месечината, додека втората ќе лансира вселенско летало со екипаж, кое потоа ќе се спои со модулот.
Двајца астронаути ќе преминат во лунарниот модул, кој потоа ќе се одвои од вселенското летало и ќе се спушти на површината на Месечината за да спроведе научни истражувања. По завршувањето на своите активности, астронаутите ќе се вратат во орбитата околу Месечината во модулот, повторно ќе се спојат со вселенското летало и – заедно со третиот член на екипажот – ќе се упатат назад кон Земјата.
Според еден кинески весник, истражувањето, развојот и изградбата за кинеската програма за слетување на Месечината со екипаж напредуваат според предвидениот распоред, пренесува „Танјуг.“












