Рускиот претседател Владимир Путин би одговорил на телефонски повик од украинскиот претседател Володимир Зеленски, доколку Киев одлучи да се јави, изјави денеска Јуриј Ушаков, советник на Путин за надворешна политика.
„Мислам дека, се разбира, тој би нè контактирал. Путин никогаш не одбил разговори“, рече Ушаков во интервју за новинарот Павле Зарубин за руската државна телевизија „Вести“.
Истовремено, Ушаков повторно го покани Зеленски лично да дојде во Москва на преговори. Тој наведе дека украинскиот претседател преку разни посредници испраќа пораки за својата подготвеност директно да се сретне со Путин.
Изјавата од Кремљ доаѓа откако украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, потврди дека Зеленски е подготвен лично да разговара со Путин за најтешките прашања поврзани со крајот на војната, вклучително и иднината на окупираните украински територии.
„Ние ја сакаме таа средба и подготвени сме за неа“, изјави Сибиха во интервју за финскиот весник „Хелсингин Саномат“.
„Веројатно, само средбата меѓу Зеленски и Путин може да донесе нов квалитет во преговорите. Зеленски е подготвен да разговара за најтешките и најчувствителните прашања, вклучително и за територијалното прашање“, додаде тој.
Украинскиот министер смета дека преговарачките делегации можат да разговараат за безбедносни прашања, размена на затвореници и хуманитарни мерки, но дека за политички одлуки во врска со територијата се неопходни директни разговори меѓу двајцата претседатели.
Киев во повеќе наврати изјави дека е подготвен да разгледа практични решенија за запирање на борбите – вклучително и замрзнување на сегашните линии на фронтот – но отфрла какво било правно признавање на руската власт врз окупираните територии.
Територијалното прашање останува една од најголемите пречки за постигнување мировен договор. Русија бара територијални отстапки, додека Украина инсистира на зачувување на својот суверенитет и меѓународно признатите граници.
Сибиха, исто така, напомена дека неодамнешните разговори во кои учествуваше Путин – со финскиот претседател Александар Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе – се одржаа по иницијатива што Киев ја координираше со своите партнери. Според украинскиот министер, двајцата европски лидери му пренеле порака на Путин за потребата од прекин на огнот, како и предлог тој лично да се сретне со Зеленски.
Украина, Соединетите Држави и Русија подготвуваат нова рунда трилатерални преговори, за кои се очекува да се одржат во првата половина на ноември.
Вчера, по разговорите со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Истанбул, Зеленски потврди дека се разгледуваат неколку можни локации за средбата, меѓу кои и Турција. „Во моментов се подготвуваме за трилатерален формат во кој ќе учествуваат Украина, САД и Русија, во првата половина на ноември“, изјави Зеленски.
Тој додаде дека со Ердоган разговарал и за можноста во дипломатскиот процес да се вклучат Турција, европски земји и други партнери.
Претходно, Киев го спомена Абу Даби како можна локација за преговорите. Точниот датум и местото на средбата сè уште не се официјално потврдени.












