недела, ноември 1, 2026
Дома СВЕТ Насилни масовни протести на генерацијата Z во Франкфурт, Берлин, Келн, Хамбург… –...

Насилни масовни протести на генерацијата Z во Франкфурт, Берлин, Келн, Хамбург… – Германија, сепак, не е Франција

32
EPA/HANNIBAL HANSCHKE

Иницијативата „Gen Z regelt“ („Генерација З презема иницијатива“) даде позитивна оценка за масовните младински протести одржани низ Германија. Портпаролот на иницијативата, кој се претставува како Амадео, во саботата вечерта изјави дека на протестите учествувале повеќе од 100.000 луѓе, напоменувајќи дека во оваа бројка сè уште не се вклучени податоците од шест до осум градови. „Денес, сто илјади луѓе покажаа зошто излегуваат на улиците“, рече Амадео.

Во исто време, тој најави нови активности што ќе се одржат за три недели. Иницијативата, исто така, планира да учествува во протестите на европско ниво, закажани за 20 ноември. „За нас, ова е само првиот чекор. Сакаме да учествуваме во протестите што ќе се одржат низ Европа на 20 ноември“, изјави Амадео за агенцијата ДПА (dpa).

Тие бараат поголеми инвестиции во училиштата, поддршка за лицата кои се борат со зависности и пристап до психотерапија, како и мерки за справување со зголемените трошоци за живот, поголема социјална правда и посилна заштита на климата. Исто така, се противат на повторното воведување на задолжителниот воен рок и на проширувањето на државниот надзор.

Сепак, уште за време на мирните попладневни протести, стана јасно дека популарниот термин „Генерација З“ е тешко дефиниран; во протестите учествуваа и многу постари лица – кои, што е значајно, останаа присутни и во вечерните часови, кога мирните демонстрации во неколку германски градови прераснаа во насилство и немири, особено во Франкфурт и Келн.

Новинарите на ДПА од Франкфурт известија дека неколку лица провалиле во продавници, однесувајќи патики и друга стока. На мета се нашла и продавница за оружје.

Од полицијата соопштија дека на повеќе локации биле искршени излози, а кон полициските службеници биле фрлани Молотови коктели. До доцна вечерта, повеќе од 30 лица биле приведени. Полицијата наведе дека нејзините службеници реагирале брзо и заплениле две парчиња оружје. Полицијата во Франкфурт ја затвори трговската улица „Цајл“ (Zeil), а во центарот на градот беа распоредени специјални полициски единици.

Роман Посек, министерот за внатрешни работи на германската покраина Хесен (од редовите на ЦДУ), најави одлучен одговор против демонстрантите.

„Шокиран сум од изливите на насилство во Франкфурт. Бевме сведоци на сцени какви што никогаш не сакавме да видиме“, изјави Посек за агенцијата ДПА.

Судири избија и во Келн, на просторот пред катедралата и недалеку од главната железничка станица.

Според полицијата, кон службениците биле фрлани шишиња, а во еден момент, дури и велосипеди. Едно лице е повредено. Полицијата приведе неколку изгредници, а пет лица се задржани во притвор. Во една споредна улица, скршен е прозорец откако кон него бил фрлен електричен тротинет.

Шефот на полицијата во Келн, Јоханес Херманс, ја бранеше одлуката на градските власти во последен момент да го забранат планираниот марш. „Кај маскирани лица пронајдовме молотови коктели и чекани за кршење стакло. Не е потребно многу објаснување за да се сфати за што планирале да ги искористат“, изјави Херманс.

Тој додаде дека е уверен оти полицијата спречила сцени слични на оние што изминативе денови можеа да се видат во Париз и Милано.

Претходно истиот ден, од Берлин пристигнаа извештаи за фрлање шишиња, петарди и јајца, додека во Хамбург беа запалени барикади. Во некои градови, полицијата употреби водени топови. Инциденти беа забележани и во Хановер и Бремен.

Настаните во Франкфурт, особено, потсетуваа на неодамнешните протести во Франција; сепак – особено кога станува збор за демонстрантите – ситуацијата беше сосема поинаква од она што можеше да се види оваа сабота во соседната земја.

Во Берлин, група демонстранти организираше посебен марш поврзан со бранот демонстрации предводени од млади, иако тој не беше дел од официјалните активности координирани од иницијативата „Gen Z regelt“.

Претходно истиот ден, илјадници луѓе мирно протестираа на собир во близина на Бранденбуршката порта. Во вечерните часови, околу 700 луѓе се собраа на марш, кој беше предвреме прекинат од полицијата. Потоа, според полициските извештаи, следеше „игра на мачка и глушец“ помеѓу полицијата и демонстрантите, која траеше со часови.

Од полицијата соопштија дека 27 полицајци се здобиле со полесни повреди, а до 56 демонстранти биле приведени.

И во Хамбург ситуацијата ескалираше во вечерните часови, по ден кој инаку помина без сериозни инциденти. Групи поединци облечени во црно – некои од нив со покриени лица – во повеќе наврати активираа пиротехнички средства, ги урнаа заштитните огради на градилиштата, а потоа ги запалија, пишува „Дојче веле“.

ИЗДВОЕНИ