Долговите на институциите за само три месеци пораснале за повеќе од 9 милиони евра, а на врвот на листата повторно се најголемите јавни претпријатија и здравствени установи. Двете железнички претпријатија, ЕСМ и Клиничкиот центар, предничат со десетици милиони евра обврски кон државата, додека речиси сите општини, исто така, бележат значителни долгови. Во меѓувреме, приватниот сектор акумулира близу 200 милиони евра неплатени давачки, при што само десет компании должат речиси третина од сумата. Иако бројот на должници се намалува, карактеристично е што вкупниот долг продолжува да расте, што укажува на продлабочување на проблемот со финансиската дисциплина и кај јавниот и кај приватниот сектор.
Од УЈП посочуваат дека кај дел од должниците се преземени мерки за присилна наплата, вклучително и блокирање на средства и активирање на даночни гаранции, но во одредени случаи наплатата е отежната поради недостаток на имот
Јавни и државни претпријатија, болници, министерства, општини, но и приватни компании се најдоа на најновите листи на должници кон државата, при што вкупните обврски достигнуваат стотици милиони евра. Неплатените долгови на јавните институции надминуваат 676 милиони евра, а на приватниот сектор близу 200 милиони евра.
Според податоците од Министерството за финансии, заклучно со март годинава, доспеаните, а неплатени долгови се зголемени за повеќе од 9 милиони евра за само три месеци. Со вакви бројки институциите ја започнуваат годината, а на врвот на листата повторно се наоѓаат веќе познати должници.
Најголем долг имаат железничките претпријатија, при што „МЖ-Инфраструктура“ должи 80,6 милиони евра, а „МЖ-Транспорт“ 80,5 милиони евра. Следува државната енергетска компанија ЕСМ со долг од 55,8 милиони евра, како и ЕСМ Дистрибуција на топлина со 33 милиони евра. Меѓу најголемите должници е и Клиничкиот центар со обврски од околу 30 милиони евра. На листата се и јавни претпријатија како ЈСП и скопски „Водовод и канализација“, како и други компании формирани за време на енергетската криза.
Долгови имаат речиси сите општини, повеќе министерства, студентски домови, јавни установи, па дури и институции како Развојната банка. Меѓу општините, најголеми должници се Гостивар со 14,3 милиони евра и Тетово со 11,9 милиони евра.
Според извештајот, обврските се по различни основи – за плати и придонеси, договорни услуги, привремени вработувања, материјали, камати по кредити, како и за набавка на опрема и возила. Експертската јавност досега неколкупати предупреди дека ваквото ниво на задолженост е загрижувачко и дека, доколку се вклучи во вкупниот јавен долг, реалната задолженост на државата би била значително повисока. Причините најчесто се лоцираат во недомаќинско работење или можни злоупотреби.
Паралелно со институциите, значителен долг кон државата има и приватниот сектор. Според најновата листа на Управата за јавни приходи, објавена во април, вкупниот нето долг на 1.898 компании и 3.078 физички лица изнесува 194,9 милиони евра, што е зголемување во однос на претходниот период.
Анализите покажуваат дека само десетте најголеми компании должат речиси 59 милиони евра, односно околу 30 проценти од вкупниот долг. Кај најголемите должници доминира долгот по основ на ДДВ, кој сочинува повеќе од 94 проценти од нивниот вкупен долг. Значително помали се обврските по основ на данок на добивка и персонален данок на доход и придонеси.
Од УЈП посочуваат дека кај дел од должниците се преземени мерки за присилна наплата, вклучително и блокирање на средства и активирање на даночни гаранции, но во одредени случаи наплатата е отежната поради недостаток на имот.
Иако бројот на должници се намалува, карактеристично е што вкупниот долг продолжува да расте, што укажува на продлабочување на проблемот со финансиската дисциплина и кај јавниот и кај приватниот сектор.
(С. Бл.)












