Под притисок на европските реформи, власта и опозицијата разменуваат остри обвинувања за тоа кој навистина го носи европскиот курс на државата. Додека едните тврдат дека има напредок, другите предупредуваат на застој и на политички злоупотреби. Сликата за евроинтеграциите станува сè поразлична во зависност од политичката страна. Во меѓувреме, Европската Унија останува со јасни барања и очекувања
Политичката реторика околу европскиот пат на земјата повторно се заострува, откако власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за застој, манипулации и лажно претставување пред европските партнери. Додека политичките блокови се натпреваруваат кој е „попроевропски“, реформите и нивното спроведување стануваат главна точка на судир, а меѓусебните обвинувања ја засенуваат заедничката цел – приближување кон ЕУ. Од СДСМ и вчера упатија остри критики дека државата стагнира поради, како што велат, нефункционално владеење и недостиг на реални реформи, додека од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека станува збор за дезинформации и обид за политички поени. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, тврди дека реформската агенда бележи напредок и дека дел од обвинувањата се неосновани, посочувајќи дека Владата ќе ги исполни најголемиот дел од преземените обврски. Во меѓувреме, дебатата дополнително се продлабочува со меѓусебни обвинувања за врски со бизнис-структури, манипулации со изјави на европски претставници и различни толкувања на сигналите што доаѓаат од Европската Унија.
Од опозициската СДСМ, вчера, преку соопштение, реагираа дека Европа не може да прими криминална организација во своето членство, туку Европската Унија јасно и недвосмислено бара реформи.
– Не бара само формални закони на хартија, туку вистинско владеење на правото, независно судство, слобода на медиуми и борба против корупцијата. Зошто Македонија стои во место? Затоа што државата ја води криминална организација на чие чело е шефот на мафијата, Христијан Мицкоски, и неговата ВМРО-ОКГ. Од 10 клучни реформски точки што ги бара Европа, постои и 11. точка која Мицкоски и ВМРО никогаш нема да ја исполнат: Да се ослободиме од криминална група. Додека Мицкоски и неговата банда се на власт, тие не можат сами да се апсат. Не можат да се борат против корупцијата во која самите се длабоко вградени. Не можат да ги реформираат институциите кои ги претворија во партиски алатки. Сè останато се бајки на Христијан Андерсен Мицкоски, велат од СДСМ во партиското соопштение.
Реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека „СДС и Филипче лажно се претставуваат како проевропска опција, додека Европа ги демантира за секоја нивна лага“.
– СДС и Венко Филипче самите си ја лепат етикетата проевропска опција, додека најдобри другари им се Онишченко, Борче Марковски и Миодраг Давидовиќ-Дака, проруски бизнисмени. СДС и Филипче се претставуваат како проевропска партија, а нивните лаги и манипулации постојано се демантирани од европски институции и европратеници. Ако навистина се проевропски, зошто Европа постојано ги демантира? Последен пример е и лагата за изјавата на европратеникот и известувач за Македонија, господинот Томас Вајц. СДС ја спинуваа неговата изјава, а тој веднаш ги демантираше и јасно посочи дека Македонија има голем напредок во Реформската агенда. Исто беше и со хистеријата што ја ширеа за ИПАРД-средствата. И таа манипулација беше демантирана преку известување од Европската Комисија, рече членот на ЦК на партијата, Валентин Манасиевски, на прес-конференција.
Тој посочи и дека додека Филипче говори за национални интереси, неговиот сопартиец и член на ИО, Рубин Земон, јавно изјави дека Гоце Делчев е небитен и дека е мит.
– Тоа е директно омаловажување на еден од темелите на македонската државност. И откако ќе излажат, никому ништо, нема извинување, напротив продолжуваат да ја повторуваат истата лага мислејќи дека само така таа ќе стане вистина. СДС со Венко Филипче е истиот оној СДС со Зоран Заев, рече Манасиевски.
Деновиве, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не само што нема застој туку има напредок во реформската агенда на земјата, а опозицијата шири лаги и шпекулации.
– Од последно место, Македонија сега е рамо до рамо со т.н. фронт-ранери во групата. Би ги замолил граѓаните, сите пораки што доаѓаат од опозицијата да ги прифатат со резерва зашто целта на оваа опозиција не е да испрати точна порака или да биде конструктивна и да испрати решение, туку целта ѝ е, со лаги и шпекулации да привлече внимание, рече Мицкоски.
Тој уверува дека Владата ќе испорача сè што вети, освен два чекора – барањето да не обезбедува 100 отсто електрична енергија од снабдувачот и Изборниот законик.
– Сè останато ќе биде завршено и сè останато ќе биде уште еден демант на лагите што ги испраќа СДСМ на дневните прес-конференции, нагласи Мицкоски.
И министерот за европски прашања, Беким Сали, минатата недела истакна дека реформската агенда за ЕУ влегува во клучна фаза, со десет критични точки што треба да се исполнат до јуни, од кои шест се веќе при крај. И тој нагласи дека меѓу најчувствителните прашања е Изборниот законик, кој бара широк политички консензус. Тој појасни дека шест од десетте критични точки веќе се прикрај, завршени, со што Владата ќе има два месеци период на адаптација и за евентуални измени, доколку е потребно тоа.
И евроамбасадорот Михаил Рокас потврди дека има уште 10 чекори што треба да ги исполни земјава до јуни, кои, како што рече „се во рамките на грејс-периодот“.
Изминатиот период во македонската политичка јавност реакции предизвика изјавата на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, дека во последната година земјава нема постигнато никаков напредок во спроведувањето на реформите и предупредувањето дека доколку не ги спроведе, нема да ги добие 47-те милиони евра од Планот за пораст. Вајц појасни дека интервјуто за бугарскиот медиум било направено пред два месеци и ја одразувало тогашната состојба во земјава. (В. С. Н.)












