Според градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, новата ски-патека ќе биде изградена покрај постојната, „Македонија“, и ќе се протега од самиот врв, накај шумската куќа, односно одморалиштето „Михајлово“, па надолу. Се предвидуваат и систем за вештачки снег, осветлување и сета потребна инсталација, со што ќе се создадат значително подобри услови за зимски спортови и за рекреација. За таа цел, обезбедена е донација во износ од 100.000 евра
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, најави нова, голема инвестиција во развојот на ски-центарот „Михајлово“, со која двојно ќе бидат зголемени неговите капацитети.
За таа цел, како што рече, обезбедена е донација во износ од 100.000 евра, со кои е планирана изградба на нова ски- патека, покрај постојната „Македонија“, која ќе се протега од самиот врв, накај шумската куќа, односно одморалиштето „Михајлово“, па надолу.
Покрај новата ски-патека, планирано е и поставување на уште еден ски-лифт. Инвестицијата предвидува и систем за вештачки снег, осветлување и сета потребна инсталација, со што ќе се создадат значително подобри услови за зимски спортови и за рекреација.
Јанчев потенцираше дека особено значајно е што постојат компании што ја препознаваат визијата за развој на Кавадарци и се подготвени финансиски да помогнат во реализацијата на вакви проекти.
Градоначалникот посочи и дека во изминатите осум години Општина Кавадарци во континуитет, секоја година, успевала да обезбеди по најмалку 1,5 милиони евра преку донации, финансиски и материјални средства, оценувајќи дека станува збор за резултат што ретко може да се сретне кај локалните самоуправи.
Новата инвестиција треба дополнително да го развие „Михајлово“ како зимска туристичка и спортска дестинација и да создаде услови за поголем број посетители, подолга скијачка сезона и понатамошен развој на целиот локалитет.
Ски-центарот „Михајлово“ беше отворен на 1 јануари минатата годинава, кога почна да функционира скијачката патека „Македонија“. Тој се наоѓа на планината Кожуф, оддалечен околу 35 километри од Кавадарци. Годинава, на 1 јануари, беше пуштена во употреба уште една ски-патека, долга 1.200 метри, заедно со нов ски-лифт и со уште две дополнителни ски-патеки.
(А. П.)












