Сточарите годинава ќе го дочекаат Велигден со празни џебови, погодени од неисплатените субвенции, ниските откупни цени на јагнето и од значително зголемените трошоци за сточна храна. Во моментов, јагнето се откупува по околу 250 денари за килограм жива мера, што, според сточарите, не ги покрива ниту основните производствени трошоци. Тие сметаат дека минималната одржлива цена треба да изнесува најмалку 300 денари за килограм. За споредба, во Хрватска откупната цена надминува 7 евра за килограм, што е речиси двојно повеќе. Дополнителен проблем претставуваат неисплатените субвенции, поради што сточарите се соочуваат со сериозна ликвидносна криза. Во комбинација со високите трошоци за храна, ова ги принудува да работат нерентабилно и секоја година да ги намалуваат стадата.
Сточарите укажуваат и за манипулации од страна на кланиците, кои, како што велат, намерно ја намалуваат откупната цена. Во исто време, јагнешкото месо во месарниците достигнува цена и до 900 денари за килограм, што, според нив, значи дека најголемиот профит завршува кај посредниците – на штета и на производителите и на граѓаните.
– Трговците ги лажат сточарите, го откупуваат јагнето пред Велигден по многу ниска цена, а потоа го продаваат на црно, по многу повисока цена. Не е фер некој да си игра со трудот и со маката на сточарите, кои се борат да ги прехранат стадата во услови кога доцнат субвенциите или не се исплаќаат. Ние бараме зголемување на откупната цена од 270 на 300 денари за килограм жива мера, бидејќи во месарниците цената на јагнешкото веќе се качи на 900 денари за килограм – изјави за весникот ВЕЧЕР Насер Џемаили, претседател на Сојузот на одгледувачи на овци.
Тој вели дека откупната цена во моментов е 250 денари за килограм и не ги покрива ниту трошоците за производство. Иако се договориле на состанокот со министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, откупната цена да не биде под 260 денари, сепак, кланичарите не го почитуваат тоа. За споредба, во Хрватска откупната цена надминува 7 евра за килограм, што е речиси двојно повеќе. Освен во Хрватска, нашето јагне се извезува и во Италија, каде што се продава и по 30 евра за килограм во месарниците.
– Јагнето оди за извоз и сточарите не им го продаваат на кланиците, туку на приватни компании, кои го извезуваат. Помалите кланици што немаат лиценца за извоз и работат само на домашниот пазар, плаќаат повисока цена. Поради тоа, нема логика извозниците да нудат пониска цена. Очигледно е дека се договараат меѓу себе за да ќарат повеќе на грбот на сточарите. Високите цени на храната, ниските откупни цени на месото и доцнењето на субвенциите придонесоа да се намали сточниот фонд во државата. Така, од 650 илјади, сега имаме само 250 илјади овци, што е намалување за околу 70 отсто – вели Џемаили.
Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, рече дека не очекува проблеми при откупот на јагнето, за кое кланиците понудиле цена од 260 денари за откуп од самото место.
– Имавме серија состаноци на кои присуствуваа здруженијата на одгледувачи на овци и кланичните капацитети. На последниот состанок, кланиците понудија цена од 260 денари за откуп на јагне од самото место, значи да не е донесено до кланица. Нормално, таа цена зависи од категоријата на јагнето што се предава. Не очекувам да се случат некои поголеми проблеми. Доколку се одржи оваа цена во текот на откупот, со достигнување на шпицот, кој се очекува веќе наредната недела, можно е да има и мало покачување на цените. Ја следиме состојбата како Министерство и мислам дека ќе бидат задоволни сточарите – рече Трипуновски.
Сточарите бараат исплата на заостанатите субвенции за 2025 година, кои, како што велат, не се целосно исплатени, а има сточари што не зеле ни денар финансиска поддршка од државата. Доколку не се исплатат до крајот на месецов, тие ќе излезат на протест.
(А. С.)












