Јајцата поскапеле за 5 до 10 отсто, а маслото до 5 проценти, покажаа контролите што ги спроведе Државниот пазарен инспекторат во изминатите седум дена. Во меѓувреме, Сојузот на синдикати на Македонија пресмета дека за само три месеци трошоците за живот се зголемиле за околу 2.500 денари, додека минималната плата ќе се зголеми за 1.667 денари. Од Владата велат дека сè уште се анализираат мерки за спречување ценовен шок. Една од опциите е намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто, доколку продолжи растот на цените на нафтата на светските берзи.
Според податоците на ССМ, вредноста на синдикалната минимална кошница за март 2026 година изнесува 67.818 денари, што е зголемување од 436 денари во однос на февруари. Во периодот јануари – март, трошоците за живот пораснале за 2.326 денари. Дополнително, за четиричлено семејство што живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, месечните трошоци достигнуваат 83.193 денари.
Во анализата се истакнува и значителниот раст на цената на дизел- горивото. Според ССМ, цената на еуродизел од 5 јануари до 16 март се зголемила од 64,50 на 92 денари за литар, што е пораст од 27,50 денари.
Контролите на Државниот пазарен инспекторат покажале дека за околу 15 отсто поскапело и суровото масло, а раст на цените е забележан и кај сојата и пченицата. Оттаму информираат дека трговците засега имаат уверување од производителите дека нема да има дополнително зголемување на цените, но контролите ќе продолжат и во наредните две-три недели.
Меѓу опциите што се разгледуваат од Владата за да се спречи ценовен шок по драстичното зголемување на цените на горивата е намалувањето на ДДВ од 18 отсто на 10 отсто, со можност за дополнително намалување, зависно од движењата на светските пазари. Целта е заштита на животниот стандард, намалување на ценовниот притисок и одржување на економската стабилност.
Од Владата велат дека ќе реагираат навремено за ограничување на ценовните притисоци, поддршка на стопанството и за одржување на ликвидноста, со цел амортизирање на надворешните шокови, зачувување на конкурентноста и заштита на куповната моќ на граѓаните.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија бараат повторно активирање на дел од старите мерки, како ограничување на цените или на трговските маржи, со цел да се спречи енормен раст на цените на основните прехранбени производи.
Економските експерти предупредуваат дека доколку продолжат да растат цените, мерките може да бидат задоцнети, бидејќи инфлацијата веќе е во нагорна линија.
Државниот завод за статистика објави дека инфлацијата во февруари изнесувала 0,2 проценти на месечно ниво и 2,9 проценти на годишно ниво, при раст од 0,2 проценти кај групата храна и безалкохолни пијалаци. Уште поважно за тоа што ќе стигне на тезгите, цените во земјоделството во февруари пораснале за 20,7 проценти кај излезот, а кај растителното производство скокот е 23,8 проценти во однос на тој месец лани.
(А. С.)












